ДПТМ ќе настапи самостојно на локалните избори, ја напушта коалицијата „Европски фронт“
Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) денеска соопшти дека на локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година ќе излезе самостојно, со сопствени кандидати за советници и градоначалници во општините со значително турско население.
Од партијата велат дека одлуката е донесена едногласно од Централниот управен одбор и Централното собрание, по консултации со членството и граѓаните. Со овој потег, ДПТМ ја напушта коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, нагласувајќи дека целта е „достоинствено, јасно и ефикасно политичко претставување“ на турската заедница без посредници и компромиси.
„Секој наш кандидат ќе биде дел од народот и глас на народот. Ќе дејствуваме независно, водени од визија, принципи и верба во заедничките вредности“, се наведува во соопштението.
Од ДПТМ потенцираат дека нивната амбиција не е само изборна победа, туку обезбедување на силен и ефективен глас на турската заедница пред локалните власти. „Сега е време за единство. Заедно ќе чекориме, заедно ќе успееме“, порачаа од партијата.