Израел се заканува со изградба на населби на Западниот Брег, што ја руши идејата за палестинска држава
Израелскиот крајно десничарски министер за финансии, Безалел Смотрих, објави дека ќе започне реализација на долго одложуван план за поделба на Западниот Брег што ќе го отсече од Источен Ерусалим, потег со кој се закопува идејата за палестинска држава.
Палестинската влада, сојузниците и активистичките групи го осудија планот, нарекувајќи го нелегален и велејќи дека фрагментацијата на територијата ќе ги уништи мировните планови за регионот.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, изјави дека израелскиот план за населби не е во согласност со меѓународното право и ги повика израелските власти да не продолжуваат со него.
„Одлуката на израелските власти да го унапредат планот за населби Е1 дополнително го поткопува решението за две држави, а воедно претставува и кршење на меѓународното право. ЕУ го повторува својот повик до Израел да ја запре изградбата на населби“, рече Калас во соопштение.
Смотрих рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп се согласиле за оживување на развојот на Е1, иако за тоа нема непосредна потврда од ниту еден од нив.
„Секој што во светот се обидува да признае палестинска држава денес, ќе го добие нашиот одговор на терен. Не со документи, ниту со одлуки или изјави, туку со факти. Факти за куќите, факти за населбите“, рече Смотрих.
Запрашан за неговите забелешки, портпаролот на американскиот Стејт департмент рече: „Стабилен Западен Брег го одржува Израел безбеден и е во согласност со целта на оваа администрација да постигне мир во регионот“ и ги упати новинарите кон израелската влада за дополнителни информации.
Портпаролот рече дека Вашингтон останува првенствено фокусиран на прекинување на војната во Газа.
Обединетите нации го повикаа Израел да ја поништи својата одлука да започне со работа на населбата.
„Тоа би ставило крај на перспективите за решение со две држави. Населбите се спротивни на меѓународното право и дополнително ја зацврстуваат окупацијата“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дујарик.
Израел првпат ги замрзна плановите за изградба во населбата Маале Адумим во 2012 година, а откако беа обновени, по вторпат ги замрзна во 2020 година, поради приговорите од САД, европските сојузници и други сили кои го сметаа проектот за закана за секој иден мировен договор со Палестинците.
Рестартирањето на проектот би можело дополнително да го изолира Израел, кој гледаше како некои од неговите западни сојузници ја осудуваат неговата воена офанзива во Газа и објавуваат дека можеби ќе признаат палестинска држава.
Палестинците стравуваат дека изградбата на населби на Западниот Брег – која нагло се интензивираше по нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, што доведе до војната во Газа – ќе им ја одземе секоја шанса да изградат сопствена држава во областа.
Во изјава портпаролот на Смотрич рече дека министерот го одобрил планот за изградба на 3.401 куќа за израелски доселеници помеѓу постоечката населба на Западниот Брег и Ерусалим.
Набил Абу Рудеине, портпаролот на палестинскиот претседател, ги повика САД да извршат притисок врз Израел да ја запре изградбата на населби.