Идентификуван 18-годишниот Македонец осомничен за обид за убиство во Будва – распишана потерница
Црногорската полиција го идентификуваше Андреј Танасковски (18), државјанин на Македонија, како осомничен за обидот за убиство на Марко Љубиша – Кан (56) од Будва, извршен на 7 август во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Пржно.
Според истрагата, Танасковски, користејќи лажна српска лична карта, испукал два проектила кон Кан, при што жртвата се здобила со повреди на главата. По нападот, осомничениот избегал и сè уште е во бегство.
Полицијата апелира до граѓаните да пријават доколку имаат информации за неговото движење или сместување, предупредувајќи дека прикривањето на податоци претставува кривично дело.
Против Танасковски е поднесена кривична пријава за три дела – обид за убиство, недозволено поседување оружје и експлозив и фалсификување исправа. За него е распишана национална потерница, а потрагата продолжува во координација со надлежните обвинителства и полицијата на Македонија.