Дигиталното рекламирање во ЕУ расте, но разликите меѓу земјите се драстични
Пазарот на онлајн рекламирање во Европската Унија продолжува да бележи раст, но најновите податоци на Евростат за 2024 година откриваат големи разлики меѓу земјите-членки.
Во просек, 32,6% од европските компании инвестираат во платени интернет кампањи. Малта е апсолутен лидер со 60,4% бизниси кои користат дигитално рекламирање, а веднаш зад неа се Финска (49,8%) и Кипар (49,4%). На другата страна од скалата се Романија (22,8%), Полска (23,2%) и Португалија (23,6%), каде што интересот за платени реклами е значително помал.
Најчесто користената техника е контекстуалното рекламирање, присутно кај 76,8% од компаниите што инвестираат во дигитални кампањи. Овој метод овозможува рекламите да се прикажуваат во моментот кога корисникот покажува интерес за слична содржина, со што се зголемува веројатноста за интеракција.
Гео-таргетирањето, кое се базира на локацијата на корисникот, го применуваат 44,3% од бизнисите, додека таргетирањето според однесувањето – засновано на анализа на претходни активности на интернет – го користат 41,6%. Дополнително, 45,3% од компаниите применуваат и други напредни стратегии, како демографско таргетирање и ретаргетирање.