Уставниот суд ќе ја оценува одлуката на Владата за бројот на општински советници
Уставниот суд отвори предмет по две иницијативи поднесени за оценување на уставноста и законитоста на владината одлука со која на седница одржана на 24 септември 2024 година беше утврден бројот на членовите во советите на општините.
Според владината одлука, најмалку девет, а најмногу 27 советници може да има во еден општински совет.
Првата иницијатива ја поднесе Скендер Реџепи, кој смета дека Владата донела одлука без законско овластување, што предизвикува правна несигурност. Тој посочува дека бројките утврдени во одлуката не се во согласност со членот 34 од Законот за локална самоуправа и дека документот е нејасен бидејќи не содржи податоци врз основа на кои е пресметан бројот на советниците.
Втора иницијатива поднесе Ќенан Алија, кој укажува дека извршната власт не смее да го одредува бројот на општинските советници спротивно на официјалните податоци од Пописот 2021. Според него, одлуката е спротивна и на неколку уставни одредби, меѓу кои член 8 и член 51.
Законот за локална самоуправа предвидува бројот на членови во советите да зависи од големината на општината – минимум девет за општини со до 5.000 жители и максимум 33 за оние со над 100.000 жители.