Машина за тестирање дали броилата за струја се прецизни, стоела во подрум на Бирото за метрологија

5

Опрема за тестирање и верификација на броила за потрошена електрична енергија, со години не била ставена во функција и стоела неупотребена во подрумот на Бирото за метрологија, информираат од Министерството за енергетика. Машината, трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, служи за верификација на мерилата и испитување на исправноста на мерилата по жалба на потрошувачи.

Од Министерството велат дека со неа на граѓаните им се нуди можност за независна проверка на исправноста на броилата, од страна на државна институција.

„Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните ќе добијат јасен и недвосмислен одговор за состојбата на нивниот инструмент. Истовремено, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и ќе се намалат можностите за неправилности“, велат од Министерството.

Посочуваат дека Бирото ќе распише тендер за проверка на функционалноста, инсталација и пуштање во употреба на опремата, како и за обука на вработените, по што ќе може да започне користењето на опремата за проверки на броилата на домаќинствата.

Makedonski