ВМРО-Народна со предлог рехабилитација на равногорското движење во Македонија
ВМРО-Народна партија во најновото соопштение до јавноста дава предлог за целосна рехабилитација на „Равногорското движење на Дража Михајловиќ“ во Македонија.
Во рамките на Февруарскиот поход, на 29 февруари 1944 година третата борбена група составена од баталјонот „Стив Наумов“ и баталјонот „Христо Ботев“ (составен од бугарски партизани) на планината Козјак се судрија и го разгромија четничкиот Вардарски корпус.
Битката траела 10 часа на фронт од околу 2 км, а бројот на српско-македонските четници се смета дека бил околу 800 од кои 100 биле заробени.
Оваа битка е најголема дотогаш на македонските партизани во рамките на Февруарскиот поход но и во рамките на целото партизанско движење.
Со оваа битка конечно се ставило крај на четничкиот Вардарски корпус кој до италијанската окупација броел повеќе луѓе и повеќе единици од македонските партизани.
Во тоа време доаѓа и предавството на српскиот крал кој повикал четниците да преминуваат во партизани и со тоа имаме масовно реорганизирање на четничките, во партизански баталјони.
Скопската и Поречката четничка бригада стануваат Скопска односно Поречка партизанска бригада, а на лидерите на четничкото движење како академик Божидар Видоевски им се дава главна улога во креирањето на македонскиот јазик.
Со оглед на најновите тенденции и влегувањето на Македонија во српскиот свет како и масовните празнувања на српското ослободување на „Стара Србија“, а со оглед дека веќе во соседна Србија равногорското движење се третира како антифашистичко, можеби е време за комплетна рехабилитација и на четничкото движење во Македонија.
Со тоа ќе го комплетираме процесот и сите празници на кралска Југославија кои масовно ги празнуваме во С. Македонија.
ВМРО-Народна паритја смета дека со големо олеснување во Македонија ќе биде прифатена целосната рехабилитација на движењето на Дража Михајловиќ.
(интегрален текст од соопштението на ВМРО-Народна партија)