Сојузот на Борците од НОАВМ и Граѓаните Продолжувачи – Тетово со остра реакција кон тетовскиот градоначалник Касами

196

Сојузот на Борците од НОАВМ и Граѓаните Продолжувачи од Тетово преку реакција упати остри зборови после изјавата на Билал Касами дека е спорна поддршката на претседателката на Македонија упатена до Сојузот се со цел да се оспори процесот на претстојното преименување на улиците во Општина Тетово.

Во соопштението се вели:

Сакаме да му укажеме на градоначалникот на Тетово Биљал Касами дека попусти му се обидите преку изјави за одредени медиуми да го оспори државничкиот потег на Претседателката на државата и дека во суштина проблемот е кај него.
Касами се дрзнува да ја спори изјавата со која Претседателот на Македонија дава поддршка на Сојузот на борците за истрајност во борбата против промена на имињата на улиците кои носат име на хероите и дејците од државотворниот НОБ.
Касами вели: -,,Претседателката да не дава изјави кои се штетни за успешно завршување на процесот”, со што практично ги реафирмира сите свои претходни срамни изјави. Но, со тоа ни соопштува уште еднаш и дека успех во процесот за него е токму тоа, да ги замени имињата на улици и да се заборават имињата на дејците на НОБ, а ние да гледаме анемично и без реакција како предизборно ни дивее необализмот и неофашизмот во негова режија.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова истакна дека: Сојузот на борци мора да биде истраен во своите барања да не се менуваат имињата на дел од улиците во Тетово кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато. Сите имаме одговорност кон историјата и истата треба да им ја оставиме на нашите деца, вели Претседателот.
Во суштина на проблемот лежи актуелниот градоначалник на Општина Тетово Билал Касами.
Истиот периодов на тема промени на имиња на улици даде безброј изјави. Започна со скандалозната изјава дека и без македонските гласови во Советот ќе ги промени имињата на улиците, па потоа неколку пати кажа дека ќе иницира нов закон согласно кој нема да му биде потребна согласност од Владата, па потоа кулминираше квалификувајќи ги хероите од антифашистичката и народноослободителна борба како херои од темното минато кои мора да ги заборавиме, па соочен со лавина реакции ретерираше со одговор дека само ќе се определат имиња на улици кои немаат име и се со број, што воопшто не е проблем, Законот дозволува име на улица да биде број.
Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи уште еднаш изразува благодарност до почитувана г-ѓа Претседател што државнички покажа внимание, грижа и доследност. Апелираме до јавноста остро јавно и приватно да реагира на реториката и плановите на Билал Касами.
Ги повикуваме членовите на Советот веднаш да ја осудат неговата изјава и јавно да изразат поддршка на нашите барања и да не прифатат да бидат инструмент во еден срамен процес.

(интегрален текст од соопштението на Сојузот на Борците од НОАВМ и Граѓаните Продолжувачи – Тетово)

Makedonski