Полска планира воена обука за секој возрасен маж поради зголемените безбедносни стравувања во Европа

3

Полскиот премиер Доналд Таск изјави дека неговата влада работи на план за подготовка на голема воена обука за секој возрасен маж како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа, пренсува Гардијан.

Тој нагласи дека е потребна армија од 500.000 војници, вклучувајќи ги и резервистите. „Ќе се обидеме да имаме подготвен модел до крајот на оваа година, така што секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен во случај на војна, за оваа резерва навистина да биде споредлива и соодветна на потенцијалните закани“, изјави Туск во своето главно обраќање за безбедноста пред Сејмот, долниот дом на парламентот, во петокот.

Минатата година, полската влада соопшти дека армијата брои околу 200.000 војници и дека годинава ќе порасне на 220.000, со цел бројката да достигне околу 300.000.

Но, безбедносните стравувања драстично се зголемија во последните недели, бидејќи Русија продолжува да ја напаѓа Украина со ракети и дронови, а администрацијата на Трамп ја повлече воената и разузнавачката поддршка за Украина, истовремено доведувајќи ги во прашање обврските кон НАТО.

„Денес зборуваме за потребата од половина милионска армија во Полска“, изјави Туск.

По своето обраќање, Туск изјави за новинарите дека не размислува за повторно воведување на задолжителна воена служба, туку за резервен систем заснован на моделот на Швајцарија. Во таа земја, секој маж е должен да служи војска или алтернативна цивилна служба, додека жените можат да волонтираат доколку сакаат.

Туск, исто така, во петокот предложи Полска да ги истражи нуклеарните „можности“. „Мораме да бидеме свесни дека Полска мора да посегне по најсовремените можности, вклучително и оние поврзани со нуклеарно оружје и модерни неконвенционални оружја“, изјави тој.

Дополнително, тој ја поддржа можноста за повлекување од историскиот договор за забрана на употребата на противпешадиски мини – Отавската конвенција, како и потенцијално од Даблинската конвенција, која ја забранува употребата на касетна муниција.

Најмалку две други земји од НАТО, Финска и Литванија – двете граничат со Русија – во последните месеци исто така размислуваа за излегување од Отавската конвенција.

„Да бидеме реални: тоа не е нешто убаво, ниту пријатно. Тоа многу добро го знаеме“, рече Туск. „Проблемот е што во нашето опкружување, оние од кои можеме да се плашиме или оние што се во војна, тие сите го имаат тоа.“

Полска, со население од 38 милиони луѓе, се наоѓа на источниот крил на НАТО и е длабоко загрижена за војната во Украина. Се стравува дека, доколку Украина биде поразена, Русија ќе ги насочи своите империјални амбиции кон земји како Полска, која Москва ја контролираше во 19 век и за време на Студената војна.

Makedonski