МВР и ТАВ Македонија симулираа справување со заложничка криза

4

На Меѓународниот аеродром Скопје денеска се одржа симулациска вежба за справување со заложничка криза во карго просторот, организирана од Министерството за внатрешни работи (МВР) и ТАВ Македонија. Вежбата имаше за цел да ја тестира подготвеноста на институциите и нивната координација при потенцијални безбедносни закани.

Во симулацијата учествуваа сите релевантни оддели на аеродромот, службите на МВР и националните служби за итни случаи. Сценариото вклучуваше заложничка ситуација со пратка од висока вредност, експлозија со импровизирана експлозивна направа и пожар во магацинскиот простор на Карго центарот на Меѓународниот аеродром Скопје. Преку оваа вежба, институциите ја тестираа својата способност за брза реакција, комуникација и ефикасноста на плановите за справување со кризни ситуации.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, истакна дека вежбата е изведена на високо професионално ниво, со соодветна брзина и реакција на службите.

Фото: МВР

„Преку симулацијата на заложничка криза, ги тестираме капацитетите на институциите и нивото на подготвеност на сите засегнати страни. Безбедноста на виталните инфраструктурни објекти е од круцијално значење, а почитувањето и унапредувањето на безбедносните протоколи ни овозможува да се позиционираме на високо европско и светско ниво“, нагласи Јанев.

Заменик директорот на операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, истакна дека вежбата е значаен чекор за подобрување на безбедноста на аеродромот и патниците.

„Со оваа вежба демонстрираме подготвеност, координација и професионализам во справувањето со потенцијални закани. Брзината на реакција и соработката меѓу службите се клучни за аеродромската безбедност. Благодарност до сите учесници за нивната посветеност. ТАВ Македонија продолжува да инвестира во модернизација и обука за одржување на највисоките стандарди“, изјави Лупевски.

Оваа симулациска вежба е дел од пошироките напори за унапредување на безбедносните процедури, ажурирање на плановите за итни случаи и зајакнување на соработката меѓу аеродромските и државните институции. Заклучоците од вежбата ќе послужат за подобрување на обуките и координациските механизми, со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста во идни вакви ситуации.

 

Makedonski