Саркастична била изјавата на Трамп дека ќе стави крај на војната во Украина за 24 часа
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бил „малку саркастичен“ кога повеќепати тврдеше дека ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина за 24 часа доколку повторно стане претседател, објави Асошиејтед прес.
Во интервју за емисијата „Full Measure“, 54 дена откако беше инаугуриран Трамп беше прашан за ова ветување кое го даваше за време на предизборната кампања. „Па, бев малку саркастичен кога го кажав тоа“, изјави Трамп во дел од интервјуто што беше објавено пред неговото официјално емитување во недела. „Она што навистина мислев е дека сакам да се реши, и мислам дека ќе успеам во тоа“, додава тој.
Ова е ретко признание од Трамп, кој е познат по своите претерувања во изјавите. Во мај 2023 година, на дебата на Си-Ен-Ен, тој рече: „Луѓе умираат, Руси и Украинци. Сакам да престанат да умираат. И ќе го направам тоа за 24 часа.“
Во септември, за време на дебатата со тогашната потпретседателка Камала Харис, Трамп изјави: „Оваа војна едноставно бара да биде завршена. Ќе ја решам пред дури и да станам претседател. Ако победам, како избран претседател, ќе разговарам со двете страни и ќе ги доведам до решение.“
За време на изборната кампања, Трамп често го повторуваше ова тврдење. Неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, оваа недела беше во Москва на разговори за предлог-примирјето од САД, кое Украина веќе го прифати.
Во истото интервју, Трамп беше прашан што ќе се случи доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на прекин на огнот. „Тоа би била лоша вест за светот, бидејќи толку многу луѓе умираат. Но, мислам дека ќе се согласи. Го познавам прилично добро и мислам дека ќе се согласи“, рече Трамп.
Во меѓувреме, Путин изјави дека Русија ќе ги поштеди животите на украинските војници во западниот дел на Курската област, доколку Киев нареди да се предадат. Украина ги отфрли овие тврдења како руска пропаганда, но украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша ситуацијата како „многу тешка“.
Трамп, пак, во објава на социјалните мрежи напиша оти го замолил Путин да ги поштеди животите на „илјадници Украинци“ за кои тврди дека се „целосно опколени и ранливи“.