ЈО: Во тек се рочишта за определување притвори за случајот со пожарот во Кочани
Во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани, информираат изутринава од Јавното обвинителство.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Во пожарот што се случи вчера животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.
Како што соопшти синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор е повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.