Студентите во Скопје се солидаризираа со семејствата на загинатите во кочанската трагедија
Точно на пладне пред платото на УКИМ во Скопје се одржа мирен протест на студентите по повод трагичниот пожар во кој загинаа 59 претежно млади лица.
Уште по улиците на Скопје се забележуваа огромни групи на млади на кои крајната станица им беше токму платото на факултетите на УКИМ.
На протестот свои излагања имаа ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и Министерката за образование и наука Весна Јаневска.
За време на говорите на два пати интервенираше брзата помош поради колабирање, а за време на говорот на Министерката за Образование Весна Јаневска од позадината се извикуваше „Оставка“, „Акција“ и „Промени“ со што во еден момент една група на студенти ја испрати министерката со свирежи.
Сепак, не се дозволи да дојде до ескалација на ситуацијата па за кратко беше смирена и изреволтираната група со образложение дека овој собир е организиран со цел споделување на тагата со семејствата на загинатите во кочанската дискотека.
По завршувањето на излагањата студентите положија свежо цвеќе и запалија свеќи во чест на загинатите, а дел собираа и прилози во парични средства наменети за семејствата на загинатите младинци од Кочани.