Во раните утрински часови на 16 март, избувна пожар во ноќен клуб во Кочани, при што 59 лица трагично го загубија својот живот, а повеќе од 155 беа повредени. Веднаш по несреќата, Центарот за координација на одговор при итни случаи на ЕУ воспостави контакт со властите за цивилна заштита во земјата за да понуди солидарност и поддршка. Македонија го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, барајќи помош за евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници.
Во брза реакција, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош благодарение на механизмот за цивилна заштита.
Неколку пациенти веќе се евакуирани во Унгарија од страна на Луксембург, а Романија транспортира пациенти во Литванија. ЕУ моментално ја координира транспортната логистика за дополнителни пациенти кон земјите кои понудија третман. ЕУ останува во близок контакт со националните власти во земјата и е подготвена да мобилизира дополнителна помош доколку е потребно.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите и сите засегнати. ЕУ стои во солидарност со народот на Северна Македонија во ова тешко време. Им благодарам на европските земји што брзо понудија третман и помош на жртвите преку нашиот Механизам за цивилна заштита.“, изјави комесарката за подготвеност, управување со кризи и еднаквост, Хаџа Лахбиб.