Случајот на Ведат: Разрешен директорот на кумановската болница, сè уште нема процедура за докторот

2

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска престојуваше во Куманово, во посета на семејството на починатиот 32 годишен Ведат Адеми, кој почина во кумановската општа болница. Во овој случај, членовите на семејството велат дека му била дадена терапија која предизвикала алергиска реакција. Тој најави дека по читањето на извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), донел решение за разрешување на директорот на болницата, Стефан Трајановски.

За лекарската одговорност за смртта на младиот човек, тој рече дека министерството и обвинителството ќе го истражат случајот за да се утврди дали има лекарска грешка, пренесува „Порталб“.

Иако беше прашан за какви прекршоци констатирал инспекторатот, Таравари рече дека не сака да открива детали.

„Има неправилности во разрешувањето на раководителот, има индиции дека тој што ја организирал работата во оваа институција требало да внимава да не се случуваат такви работи“, рече Таравари.

Документите од Инспекторатот и Комисијата на Министерството за здравство ќе бидат испратени до Обвинителството и тие ќе потврдат дали има лекарска грешка во овој случај. Ќе се одземе ли лекарската лиценца?

„Мораме да бидеме свесни дека мора да има одговорност доколку дошло до грешка. Не можам да кажам дали имало прекршок, понатаму откако истражните органи ќе ги констатираат пропустите, треба да одлучи обвинителството. Јас не сум ниту полицаец, ниту судија, ниту обвинител, имам можност да го разрешам раководителот“, рече Таравари.

На новинарско прашање за сомнежите на семејството дека случајот може да се манипулира бидејќи лекарот Зоран Ѓеорѓиевски има врски со ВМРО-ДПМНЕ, Таравари не сакаше да коментира конкретно.

„Ќе разговарам со директорот на Судска медицина за да се осигурам дека обдукциската процедура е правилно спроведена и извештајот е реален“, рече тој.

Тој рече дека утре ќе биде именуван нов директор.

 

Makedonski