Сојузот на борци и граѓани продолжувачи од Тетово порачува: Драмската претстава наречена „јавна дебата“ е обична фарса

143

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи апелира до граѓаните, политичките партии, граѓанските здруженија, клубови и сите други облици на општествено здружување да го бојкотираат лажниот, неискрен и опасен процес на промена на имиња на улици во градот Тетово отпочнат и воден од Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами. Во петок на 04.04.2025 година сценаристите имаат закажано претстава во која ќе глумат јавна дебата, а очекуваат граѓаните наивно да бидат статисти. Знаеме дека предлогот е одамна на бирото на Касами и оваа ефтина националистичка глума е обична фарса.

Не поминува! Сите сме свесни за вашиот демократски капацитет. Процес во кој уште на самиот почеток хероите од антифашистичката коалиција лично од градоначалникот се претставени како личности од темното минато не заслужува поддршка и учество од ниту еден разумен, совесен и искрен патриот.
Очекуваме советниците од македонска националност кои го формираат потребното квалификувано мнозинство за носење на одлука за промена на име на улица, а до сега не отстапија од процесот, веднаш, без одолговлекување јавно да се повлечат од процесот и истиот да пропадне во вода.
Повикуваме на будност и поддршка од државниот врв и лидерствата на парламентарните партии, научните институции и медиумските куќи. Сојузот на борци од НОАВМ дава отпор на овој груб обид за историски ревизионизам, но сепак не е фер да се остави толку важна битка само на наши плеќи.

 

(интегрално соопштение на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи – Тетово)

Makedonski