Муцунски во Брисел на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО

7

Фокусот на првиот ден од состанокот беше ставен на состојбите поврзани со руската агресија врз Украина, при што беше реафирмирана силната поддршка за дипломатските напори предводени од САД за постигнување прекин на огнот и траен, долгорочен мир преку политички дијалог и почитување на меѓународното право.

Министрите разговараа и за потребата од зголемување на издвојувањата во областа на одбраната, како и зајакнување на капацитетите и способностите на НАТО за градење колективна безбедност и одбрана, со цел ефективен одговор на заедничките закани и предизвици.

Особено беше нагласен фокусот на Алијансата врз Западен Балкан, како важен елемент за обезбедување на регионалната, но и на севкупната европска безбедност и стабилност.

Во време на сложени геополитички услови, кои носат широки безбедносни предизвици, министерот Муцунски ја нагласи важноста од одржувањето на единството меѓу сојузниците како столб на заедничката безбедност, значаен за заштитата на заедничките вредности.

Во оваа насока, тој ја потенцира и важноста на нашиот регион како простор од стратешко значење и за НАТО и за Европската Унија, со потреба да остане високо на агендата на двете организации. Притоа, побара зголемено внимание и стратешки пристап, особено во контекст на напорите на земјите од регионот за реализација на нивните европски и евро-атлантски аспирации преку брза имплементација на интегративните процеси, соопшти Министерството за надворешни работи.

Makedonski