Кина воведе царини од 84 отсто на стоки од САД
Кинеското Министерство за финансии денеска објави дека ги зголемува царините за увоз од САД од 34 на 84 отсто како одмазда за давачката што ја воведе Вашингтон на нејзиниот извоз.
Претходно денеска, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, изјави дека Кина ќе продолжи да презема решителни и силни мерки за заштита на своите легитимни права и интереси.
Пред објавувањето на царините од 84 отсто, кинеската влада рече дека не е подготвена да води трговска војна, но „никогаш нема да седи со скрстени раце и да гледа како легитимните права и интереси на кинескиот народ се оштетени и лишени“, пишува Гардијан.
Глобалната економија е потресена откако во текот на викендот стапија на сила високите царини на САД, што предизвика драматични пазарни распродажби ширум светот и страв од рецесија.
Претходно, Кина и соопшти на Светската трговска организација дека одлуката на САД да воведат царини се заканува дополнително да ја дестабилизира глобалната трговија.