Мудрост и суверенитет на МПЦ-ОА во политичкиот „раскол“ на Вселенската патријаршија и Руската православна црква
Превирањата што во православниот свет меѓу Вселенската патријаршија во Цариград (Истанбул) и Руската православна црква, што наликуваат дури и на раскол дури и за политичките (и религиозните) лаици премногу очигледно е дека е рефлексија на геополитичките случувања, процеси и ривалства меѓу големите актери во актуелните конфликти. Своевидна кулминација на испреплетеноста на влијанијата на (гео)политичките и црковните интереси може да се согледа во одлуката на Вселенската патријаршија во 2018 година да додели автокефалија на она што денес се нарекува Православна црква на Украина (ПЦУ). Гледано во контекст на подоцнежните случувања, односно инвазијата на Руската Федерација врз Украина во 2022 година, што трае до денес, овој чин на доделување автокефалност на Православната црква на Украина од страна на Вселенската патријаршија, може да се протолкува како своевидна најава, или еден од низата настани кои доведоа до оваа воена состојба.
Според некои познавачи на црковните релации, Вселенската патријаршија, која некогаш се сметаше за симбол на православното единство, денес сè почесто се перципира како инструмент на геополитичкото влијание на Западот и Ватикан, насочен кон слабеење на Руската православна црква (РПЦ) и другите традиционално независни помесни цркви.
Дури како една од најконтроверзните политики на Вселенската патријаршија ѝ се припишува обидот за апсолутна доминација во православниот свет. Според тие гледишта, патријархот на Вселенската патријаршија, Вартоломеј не се ограничува на традиционалниот статус „прв меѓу еднаквите“ (primus inter pares), туку се обидува да го претвори Константинопол (Цариград) во единствениот центар на канонската власт, имитирајќи го папството во католичкиот свет. Дури Вселенската патријаршија е обвинета дека настојува да ја преработи историјата, тврдејќи дека само таа има право да доделува автокефалија, иако ова не е потврдено ни со каноните, ниту со историјата. Автокефалијата на Руската, Српската, Бугарската, Грузиската црква низ историјата е прогласувана без учество на Константинопол. Понатаму, во вивисекцијата на сегашното дејствување на Вселенската патријаршија се наведува дека во последните децении станала „алатка на Западот, кој ја користи за уништување на православното единство“. Како аргумент се потенцира дека финансиската зависност на Константинопол од западните структури е одамна позната, односно дека Патријаршијата речиси целосно се финансира од фондови од САД и Грција, што ја доведува во прашање нејзината независност. Покрај тоа, се истакнува дека и турската влада врши постојан притисок врз Вартоломеј, дозволувајќи му да го задржи својот формален статус само доколку остане лојален на западните интереси.
Старото ривалство на црквите од Константинопол и Москва се појавува како политички рецидив во денешно време
Историчарката и директорка на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар – Трајкова смета дека денешните превирања и ривалитет на големите цркви во православниот свет се рефлексија или рецидив од историските времиња. Освен тоа, таа нагласува и дека моќта и влијанието на црквата оди правопропорционално со моќта на државата и нејзината политика,
„Од 16 век, кога се воспоставува Московската патријаршија, нејзината моќ и влијание одат правопропорционално со растот и моќта на Руското Царство, особено во времето на царевите Петар Велики и Екатерина Велика. Паралелно, со освојувањето на Константинопол од страна на Османлиите, во 1453 година, Вселенската патријаршија го задржува правото на постоење во Отоманската Империја, истовремено со право да ги застапува православните во муслиманската империја. Но покрај Цариградската (Вселенската) патријаршија, како постари и признати во Отоманската империја постојат и Охридската Архиепископија и Пеќката патријаршија. Со текот на времето се случуваат нови моменти на политичката сцена, односно руската императорка Екатерина Велика осмислува еден проект за источно православно царство, за кое како патријарх го планирала својот внук Константин. За таа политичка проекција за своевидно православно царство, со кое ќе доминира Русија, Охридската архиепископија и Пеќката патријаршија се непотребни, па Руската империја по дипломатски пат издејствувала нивно укинување од турскиот султан во 1766 (Пеќката патријаршија), односно во 1767 (Охридската архиепископија), со тоа што сè што е под нивна јурисдикција го презема Цариградската патријаршија. Со таквата проекција на руската царица и одлуката на турскиот султан, Цариградската патријаршија станува повеќе политички, отколку религиозен фактор“, вели историчарката Наташа Котлар – Трајкова, која констатира дека тие политички проекции и игри со влијанија од историјата, се провлекуваат до денеска. Според Котлар-Трајкова моќта и влијанието на црквите потекнува од моќта на државите кои стојат зад нив.
Потребна мудрост на МПЦ-ОА во балансот меѓу центрите на (политичка) моќ во православието
Македонската православна црква – Охридска Архиепископија своите корени и денешниот легитимитет го влече од историската Охридска Архиепископија. Од нејзиното возобновување со воспоставување на македонската држава, во средината на 20-от век, Македонската православна црква постојано се соочува со предизвици за нејзино признавање од другите цркви во православниот свет. Во мај, 2022 година беше надминат деценискиот спор со Српската православна црква, која ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, но и понатаму остануваат предизвиците за прифаќање од црквите кои се под доминантно влијание од Вселенската партијаршија, пред сè гркофонските цркви. Актуелното ривалство, кое наликува на своевиден раскол, меѓу Вселенската патријаршија и Руската православна црква, двата моќни православни центри, создава дополнителен предизвик за МПЦ-ОА да пронајде мудрост за баланс во релациите со нив, за да ја издејствува најдобра позиција за она што е интерес на црквата, верниците, но и национален интерес на државата Македонија.
„Црквата е дел од сегашноста, од современите текови, вклучувајќи ги и политичките случувања. Политичарите, барем многумина од нив, се изјаснуваат како верници и имаат право да учествуваат во животот и развојот на црквата. Неизбежно е едни на други, црквата, политичарите и политиката да имаат меѓусебно влијание. Сето тоа е прифатливо сѐ додека не се прекршува Евангелието и не се поткопуваат вредностите на црквата, пред сè за мир и разбирање. Што се однесува до нашите односи, на МПЦ-ОА со Руската православна црква и Вселенската патријаршија, треба да бидеме умни и да го пронајдеме балансот во односите, што е во најдобар интерес за нас. Се трудиме да одржуваме добри односи со двете страни. Вселенската патријаршија од Цариград има одредени услови за нејзино прифаќањето на МПЦ-ОА, како и на помесните цркви што се под нејзино влијание. Сепак тоа се услови според некои стари канони, неприменливи и несоодветни на современата реалност. Секако ќе биде потребно некое време да ја надминеме таа состојба на условувања, како што беше и случајот со Српската православна црква. До решение ќе се дојде кога тие што нè условуваат ќе бидат помалку трговци, а повеќе архиереи“, велат за Мкд.мк извори од МПЦ-ОА.
И црквите можат да водат суверенистичка политика за најдобар интерес на своите верници од народот
Универзитетскиот професор по Философија на религиите, филозофот Љубомир Цуцуловски, вели дека иако изворно, можеби Исус Христос бил првиот секуларист, кој во неколку наврати, според Евангелието укажувал на раздвојување на црквата и државата, сепак низ историјата, па и денес државната и црковната политика влијаат едни на други и се надополнуваат.
„Нереално е да се очекува религијата, црквата да бидат имуни на реалноста и современоста на која ѝ припаѓаат, а од која е дел политиката, па и геополитиката. Државата и црквата, односно нивните политики низ изторијата и сегашноста се надополнуваат, па дури понекогаш оди и дотаму, црквата да стане и инструмент на политиката. Иако, изворно, според евангелието, Исус Христос е можеби првиот секуларист со оној одговор за даночниците: ‘На царот – царевото, на Бога-божјето’, кога го прашале кому да го предадат собраниот данок. Но исто така, според филозофијата на христијанството, секоја власт е од Бога дадена, па црквата и божјото се едно исто. Не треба да не зачуди што овие навидум религиозни премиси функционираат, или се користат и во денешниот современ свет за да се оправда тaа испреплетеност на влијанијата на политиката на државите и на црквата“, вели професорот Цуцуловски.
Кога станува збор за конкретниот предизвик на одржување релации на МПЦ-ОА со влијателните и моќни цркви во православниот свет со актуелно спротивставени интереси, професорката Наташа Котлар –Трајкова препорачува црковните великодостојници да почнат да размислуваат за суверенистички пристап.
„Прво и основно, треба да се процени и DA SE разграничи колкава е моќта и влијанието на сите фактори кои на некој начин си земаат за право да одлучуваат за прифаќањето на МПЦ-ОА во православниот свет. Но фаќање страна меѓу поглаварите на двете моќни цркви не е соодветен пристап и нема добробит од тоа за МПЦ-ОА. Треба да се рамислува за суверенистичка политика на МПЦ-ОА, според она што е најдобро за народот, поврзано со религиските желби на верниците во својата дијацеза. Ретко кој внимава на суверенистичката позиција на нашата црква. Но за таква суверенистички пристап на црквата, мора да има политичка поддршка од државата. Во моментов се чини дека поддршката на државата е фрагметирана, недоволно силна и не е единствена“, смета професорката Наташа Котлар Трајкова.
Јасминка Павловска