Виктор Понта дозволил поплавување на романски села за да го заштити Белград во 2014 година

2

Претседателот на Социјалдемократската партија на Романија (ПСД), Марчел Чиолаку, во четвртокот побара од Виктор Понта, поранешен премиер од редовите на партијата да се повлече од претседателската трка, откако Понта откри дека дозволил поплавување на романски села за да го „спаси“ Белград, главниот град на Србија, јавија ромаските медиуми.

Понта во средата во поткастот „Хај, лајв! Со Туческу и Андроник“ рече дека во 2014 година, додека беше премиер на Романија, а Србија беше погодена од најтешките поплави во својата историја, решил да дозволи поплавување на романски села долж Дунав за да го заштити Белград. Оваа одлука му донесе српско државјанство што долго време беше мистерија за јавноста.

„Кога си премиер, постојат многу моменти кога мораш да донесеш тешки одлуки. Но, тие никогаш не треба да бидат скриени од сопствените граѓани. Да признаеш мирно – по толку години! – дека како премиер на Романија си се согласил да поплавиш романски села за да спасиш странски градови и да се фалиш дека како награда си добил државјанство од друга држава, јасно е дека играта на суверенизам повеќе не поминува“, изјави Чиолаку.

Понта реагираше бурно откако медиумите ги презедоа неговите изјави за намерното поплавување на романски села во корист на Србија.

„Еден лидер носи брзи и исправни одлуки – и тоа го направив“, изјави Понта.

Тој се огласи на својата Фејсбук страница каде во видео кажа дека не ѝ наштетил на Романија, туку спасил човечки животи во двете земји.

„Во 2014 година, најпрво се погрижив за Романците – ниту еден жител од Дунавскиот регион не беше во опасност – ниту едно домаќинство не беше сериозно оштетено! Спасив и илјадници човечки животи во соседна и пријателска Србија, како што треба да прави еден добар сосед и добар христијанин!“, напиша Понта.

Романскиот писател Мирча Динеску изјави дека ќе поднесе тужба против Понта, најавувајќи оти ќе бара оштета од еден милион евра и ќе ги повика и жителите на селото Раст, кои тогаш страдале поради поплавите. Тој вели дека романската држава не ги обновила уништените села, туку тоа го направил бизнисменот Џиџи Бекали, кој изградил нови домови.

Запрашан од еден од двајцата водители на поткастот како ја донел одлуката да поплави региони во Романија за да го спаси Белград, Понта објасни дека ја донел одлуката во петок на полноќ, откако го свикал Инспекторатот за вонредни состојби и биле преземени мерки за евакуација и обесштетување на населението погодено од поплавите во романските области.

Понта, исто така, рече дека едно од погодените места било Четате, каде што поетот Мирча Динеску поседува имот на брегот на Дунав, кој исто така бил погоден, но добил обесштетување.

„Многу го почитувам и високо го ценам господинот Вучиќ, претседателот на Србија. Верувам дека Србија е многу пријателска земја кон Романија. И јас сум српски државјанин. Законски, можам да се кандидирам таму, но тоа никогаш не ми паднало на ум. Никој не знаеше како точно се случи ова со државјанството. Тоа беше нешто на што ќе бидам горд цел живот. Во 2014 година Вучиќ стана премиер, јас веќе бев на таа функција две години. И Србија тогаш доживеа најголеми поплави во својата историја“, кажа Понта.

„Сметав дека поради моралниот долг што го имаме кон Србите – бидејќи дозволивме НАТО да ги бомбардира од Темишвар – требаше да им помогнеме. И им помогнавме. Кога Вучиќ стана претседател, предложи на Владата и Парламентот – не само јас, туку и повеќе личности – да бидеме ставени на таа листа како некој што направил нешто добро за Србија“, објасни Понта во разговор со новинарот Јон Кристоиу во 2021 година.

Во 2014 година, јужниот дел на Романија беше погоден од неколку големи поплави. Во мај, повеќе од 1500 хектари земјоделски култури, пасишта и шуми беа поплавени поради излевањето на Дунав, при што беа погодени населените места Бехет, Писку Веки, Деса и Четате, како што објави Радио Романија Актуалитати.

Во општината Четате беа поплавени повеќе од 50 хектари земјоделски култури, додека во општините Писку Веки, Деса и Четате беа поплавени над 700 хектари пасишта и 810 хектари шума, известуваа тогаш локалните медиуми.

Makedonski