Академската година изминува, ваучерите за електронски уреди за студентите уште се најавуваат
Шест месеци по најавата на ваучери од 250 евра (15.000 денари) за електронски уреди за студентите, Владата сè уште не ги објавила деталите за спроведувањето на оваа мерка, оставајќи ги студентите без конкретни информации за времето и начинот на доделување на ветената поддршка. Академската година во која беше најавена мерката влезе во средината на летниот семестар, а студентите уште се во исчекување на финансиската поддршка за купување на таблети, лаптопи, компјутери и телефони.
Гласна најава на студентските ваучери
Во октомври 2024 година, на почетокот од новата академска година, премиерот Христијан Мицкоски најави дека сите студенти во земјата ќе добијат ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди. Премиерот ова го претстави како дел од владините напори за задржување на младите во државата.
Мерката до некаде беше изненадување, бидејќи не беше дел од ниту една програма за работа на ниту една партија на парламентарните избори, што ја направи неочекуван, но привлечен и добредојден гест за студентите.
Терминот на нејзина најава беше одбран мошне внимателно, токму на почетокот од учебната година, во период кога академската заедница е најактивна, а студентските теми се во фокусот на јавноста. Ова дополнително ја засили тежината на ветувањето, оставајќи впечаток дека реализацијата ќе биде брза и ефикасна.
„Обзнанувам дека Владата ќе поддржи во наредните месец дена, преку јасни критериуми и јасен систем, ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди, за сите, повторувам, за сите студенти во државава, за сите до еден“, рече премиерот Мицкоски во своето обраќање по повод 33-годишната Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа на 6 октомври во Охрид.
Оваа најава беше јасно и гласно повторена уште неколку пати во деновите што следуваа – премиерот ја кажа и во Отвореното студио „100 дена Влада“ што се емитуваше на 7 октомври на јавниот сервис МРТ 1, додека на 9 октомври владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција информираше дека е „почната комуникација“ со компаниите кои би ги обезбедиле ваучерите.
„Понудивме два проекта кои цениме дека можат да значат додадена вредност и да бидат некаква провокација. Првиот е ваучер од 250 евра за набавка на електронски уреди, средства кои ќе бидат предвидени во буџетот за сите студенти, на сите универзитети. Тоа се отприлика нешто повеќе од 50.000“, кажа Мицкоски на 7 октомври 2024 година.
„Младите мора да го добијат централното место во носењето на одлуки – ова е визијата на Владата при носењето на мерки и политики кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард. За таа цел, Владата предвиде мерки и тоа 250 евра ваучери за студентите за електронски уред“, рече Митева на 9 октомври.
„Во однос на истото, сакам да најавам дека од страна на Владата е отпочната комуникација со компаниите во делокругот на информатичката технологија кои до крајот на оваа година треба да финализираат и истите да резултираат со утврдување на пристап кој е најповолен и преку кој ќе се изнајде најдобра методологија за распределба на обезбедените финансиски средства“, додаде Митева.
Според најавите, мерката треба да им помогне на студентите во нивното образование и да ја олесни нивната дигитална поврзаност, особено во време кога онлајн ресурсите се сè позначајни за учење и академски развој.
„По финализирањето на преговорите со ИТ компаниите, кон крајот на оваа година ќе обезбедиме повеќе детали за процесот, како и насоки за тоа како младите ќе можат да ги максимизираат придобивките од овие ваучери“, потенцираше владиниот портпарол во октомври.
Владата со молк и без јасен рок, студентите во дилема
Но, детали не стигнаа ниту кон крајот на минатата година, ниту пак се знаат некакви новини во средината на четвртиот месец од новата година.
Владата во декември единствено информираше дека во Буџетот се обезбедени средствата од 250 евра за набавка на електронските уреди и повторно посочи дека со мерката ќе бидат опфатени сите студенти. Освен ова, немаше никакви дополнителни информации.
Последна во низата најави на мерката беше онаа на претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Сергеј Попов, кој на 30 март кажа:
„Годинава од државниот буџет издвојуваме дополнителни 30 милиони евра за младите. Дел од овие пари се за на оваа група граѓани да им помогнеме да купат електронски уреди. За оваа цел ќе бидат поделени ваучери од по 250 евра, за набавка на телефони, компјутери и таблети, без кои во денешно време, тешко е да си студент ако ги немаш“.
Со оглед на тоа дека летниот семестар од академската година е во полн ек, а поради отсуството на информации, Мета.мк на 7 април испрати неколку прашања до Владата: прашавме кога ќе почне спроведувањето на мерката; дали студентите овој семестар конечно ќе ја добијат можноста да ги искористат долгонајавуваните ваучери; која институција ќе биде задолжена за нивно доделување и каде сè ќе може да се користат ваучерите.
До овој момент, од Владата не одговорија на ниту едно наше прашање.
Претходно во декември, на ваквите прашања од Владата ни рекоа дека детали за овој проект ќе се соопштат „навремено во јавноста“.
Според досегашните знаци од Владата, финансиски средства за спроведување на мерката ваучери за студенти постојат, но нема конкретни информации за тоа кога студентите ќе можат да аплицираат и како ќе се доделуваат ваучерите. И покрај големиот интерес од студентите, Владата останува без јасен одговор за временската рамка и начинот на реализација.
Мета.мк се обрати и до неколку студентски организации и универзитетски студентски собранија со прашања дали се во комуникација со властите околу оваа долгонајавувана мерка, но сите одговори беа негативни. Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) и Националното студентско тело (НСТ) велат дека побарале средба со премиерот Мицкоски по ова прашање, но до овој момент не добиле одговор од неговиот кабинет.