„Тему“ и „Шејн“ следната недела ги зголемуваат цените на производите во САД
Кинеската онлајн продавница „Тему“ и трговецот на мало за брза мода „Шејн“ од следната недела ќе ги зголемат цените бидејќи огромните царини на американскиот претседател Доналд Трамп и репресијата врз увозот со мала вредност ги зголемуваат трошоците за компаниите познати по нивните буџетски понуди.
Ројтерс јави дека во речиси идентични писма до клиентите, неделава двете компании рекоа дека ќе ги зголемат цените почнувајќи од 25 април и ги охрабрија купувачите да купуваат „сега по денешните цени“.
Зголемувањето на цените се однесува за купувачите во САД. Во моментов нема информации дали истото ќе ги засегне и корисниците во другите земји, меѓу кои и Македонија.
„Тему“ и „Шејн“ кои продаваат сè – од играчки до смартфони, рапидно пораснаа во САД, делумно благодарение на дозволениот бесцарински влез на стоки со цена под 800 долари, што им овозможи на компаниите да ги задржат ниските цени.
Нивниот бизнис модел се најде под притисок од неодамнешната извршна наредба потпишана од Трамп која стапува на сила на 2 мај.
„Поради неодамнешните промени во правилата и тарифите на глобалната трговија, нашите оперативни трошоци се зголемија. За да продолжиме да ги нудиме производите што ги сакате без да го компромитираме квалитетот, ќе правиме корекции на цените почнувајќи од 25 април 2025 година“, се вели во изјавите на двете компании.