Куп на Македонија: „Комбинираниот“ Вардар става “печат“ на пласманот во финалето, прво после 18 години!
Вардар, нашиот најтрофеен фудбалски колектив, чекаше и се чини денеска ќе дочека. Чекаше долги 18 години за ново финале во Купот на Македонија, и денеска има златна шанса тоа и да го официјализира. Денеска во Струмица (16 часот), Брера го дочекува составот на стратегот Гоце Седлоски во рамките на реванш средбата од 1/2 финалето во Купот на Македонија. Ако се знае дека на првиот меч во Скопје беше 3:0 за Вардар, тогаш јасно е дека скопските “црвено – црни“ денеска во Струмица ќе треба само да стават “печат“ на пласманот во големото финале во Купот на Македонија.
Со оглед на резултатот од првиот меч, со оглед на тоа дека Седлоски сака и да ротира со составот, и ако се знае дека веќе во недела Вардар го чека дуел со Беса во рамките на 29.коло во ПМФЛ, јасно е зошто се очекува денеска Вардар да игра со комбиниран тим.
Дел од првотимците ќе бидат на клупа, дел од нив нема ни да бидат во Струмица. Сепак сигурно е дека ќе игра Донгмо, кој на последните средби беше во „аут“ поради недисциплина, а се очекува стартер да биде и Филип Најдовски, најскапото засилување на Вардар за оваа сезона кој поради тешка повреда уште на летните подготовки беше надвор од тимот речиси цела сезона. Најдовски настапи неколку минути на хуманиатрниот меч со Ц.Звезда, па така денеска се очекува да го има првиот официјален настап за Вардар во оваа сезона.
Сепак нема да недостасуваат мотиви кај Седлоски и неговите избраници и на оваа средба. Имено вардарци сакаат да ја продолжат фантастичната пролетна серија, ако и денеска останат непоразени тоа ќе биде за нив 12 меч во низа без пораз.