Шпанија и Португалија во мрак: Милиони погодени од најголемиот прекин на струја во последните години

5

Масовен прекин на струја вчера го парализираше поголемиот дел од Шпанија и Португалија, запирајќи ги возовите, оневозможувајќи телефонски услуги и исклучувајќи семафори и банкомати за милиони граѓани на Пиринејскиот Полуостров, јави Асошиејтед прес.

Шпанската компанија за дистрибуција на електрична енергија, Ред Електрика, соопшти дека целосното обновување на струјата би можело да трае меѓу шест и десет часа, но одби да шпекулира за причините за прекинот. Раководителот на оперативните служби, Едуардо Прието, на новинарите им изјави дека ситуацијата е „исклучителна и вонредна“.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, рече дека „силна осцилација“ на европската електрична мрежа стои зад прекинот, но истакна дека причините сè уште се утврдуваат. Тој ги повика граѓаните да не шпекулираат и да ги контактираат службите за итна помош само во итни случаи.

Ова е втор сериозен прекин на струја во Европа во помалку од шест недели, по пожарот на 20 март што доведе до прекин на работата на аеродромот Хитроу во Велика Британија. Настанот доаѓа во услови кога европските власти се во состојба на зголемена готовност поради закани од саботажи поддржани од Русија.

Португалскиот Национален центар за сајбер безбедност соопшти дека нема индикации дека прекинот е резултат на сајбер напад. Слично изјави и Тереса Рибера, извршна потпретседателка на Европската комисија задолжена за енергетика, која ја нарече ситуацијата „еден од најсериозните епизоди забележани во Европа во последно време“.

Главните градови на Шпанија и Португалија погодени од прекинот

Прекинот започна околу пладне. Административните канцеларии беа затворени, а сообраќајот во Мадрид и Лисабон беше парализиран. Во Барселона, граѓаните самостојно ја регулираа сообраќајната фреквенција. Возовите и метрото беа запрени и, според шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте, тие нема да можат да бидат рестартирани истиот ден, дури и ако струјата се врати.

„Не знам како ќе стигнам дома“, рече Ивете Корона, жителка на Барселона, додека набљудуваше како голема група луѓе безуспешно се обидува да се качи во пренатрупан автобус.

Болниците и итните служби преминаа на генератори, а бензинските станици престанаа да работат. Некои мобилни мрежи беа целосно нефункционални, додека комуникацијата преку апликации делумно беше возможна. Граѓаните користеа радио-уреди на батерии за да се информираат.

Овој вид масовен прекин на Пиринејскиот Полуостров, каде живеат околу 60 милиони луѓе, е мошне редок. Шпанските Канарски Острови, Балеарските Острови, како и териториите Сеута и Мелиља во Африка, не беа погодени.

Премиерот Санчез свика вонредна седница на Националниот совет за безбедност, додека португалската влада одржа итен состанок во резиденцијата на премиерот Луиш Монтенегро. Монтенегро изјави дека повеќепати разговарал со Санчез и изрази надеж дека снабдувањето со електрична енергија ќе биде обновено до крајот на денот.

Португалските власти соопштија дека прекинот најверојатно потекнува од проблеми надвор од земјата.

Шпанија почна да увезува електрична енергија од Мароко и Франција за да ги стабилизира своите северни и јужни региони, а премиерот Санчез се заблагодари на владите на овие земји за поддршката. Истовремено беше зголемено и домашното производство преку хидроцентрали и комбинирани термоелектрани.

Аеродромите функционираат на резервни системи

Податоците на шпанската електродистрибутивна мрежа покажаа нагло паѓање на побарувачката на струја околу 12:15 часот – од 27.500 мегавати на речиси 15.000 мегавати.

Аеродромите ширум Шпанија работеа на резервни електрични системи, а дел од летовите беа одложени, соопшти Аена, операторот на 56 шпански аеродроми, вклучувајќи ги и оние во Мадрид и Барселона.

Во Лисабон, терминалите беа затворени, а туристите чекаа информации за своите летови. „Во изминативе 50 минути не видовме ниту еден авион да слета или полета“, изјави за АП туристот од Холандија, Марк Брандсма.

Шпанскиот парламент во Мадрид прекина со работа, а мечевите на тенискиот турнир Мадрид Опен беа суспендирани.

Додека дел од луѓето се обидуваа да најдат решение за недостапноста на услугите, други го искористија прекинот за да уживаат на сонце, на терасите на кафулињата, парковите и плажите. Улиците на Барселона беа полни со луѓе кои споделуваа информации и разговараа.

„Имаме среќа. Некои останаа заглавени во метрото. Од друга страна, убаво е што конечно повеќе разговараме едни со други“, рече Монсте Кортес од Барселона, додавајќи дека вечерата ќе им биде ладна ужина.
Битката за комуникација

Како што минуваа часовите без струја, растеше и загриженоста меѓу оние што не можеа да стапат во контакт со своите блиски.

„Не можам ни шефот да го добијам. Ништо не функционира“, изјави Хелен Осорио, продавачка од Барселона.

Во Тераса, индустриски град на околу 50 километри од Барселона, сите продавници за генератори останаа без залихи.

Националната служба за вонредни ситуации на Португалија соопшти дека резервните системи функционираат, додека полицијата распореди дополнителни патроли поради зголемениот број повици за помош, вклучувајќи и од луѓе кои останале заглавени во лифтови.

Во Лисабон, делови од метрото беа евакуирани, судовите ја прекинаа работата, а банкоматите и електронските системи за плаќање беа недостапни.

Makedonski