Дали на повтореното гласање во Романија, претседател ќе стане ултранационалистот и сојузник на Трамп, Џорџе Симион
Граѓаните на Романија денес гласаат на претседателски избори, кои претставуваат повторување на претходниот изборен процес, коге беа поништени резултатите од ноемвриското гласање по наводи за масовно руско влијание. Овие избори би можеле на власт да донесат ултранационалист кој е против помошта за Украина, остро ја критикува Европската Унија и се смета за „природен сојузник“ на претседателот на САД, Доналд Трамп, пишува британски Гардијан.
Џорџе Симион (38), лидер на крајната десница и основач на партијата Алијанса за обединување на Романците (АУР), убедливо води во анкетите пред првиот круг на гласање во Романија, која е земја членка на ЕУ и НАТО. Изборите се одржуваат речиси шест месеци по поништувањето на првиот круг, кога беа откриени докази за масовна руска операција на влијание.
Меѓународната јавност будно ги следи изборите, бидејќи евентуална победа на крајната десница може да ја оддалечи Романија од нејзината про-западна ориентација и да ја претвори во дестабилизирачки фактор во ЕУ и НАТО, со оглед дека граничи со Украина.
По поништувањето на ноемвриските избори, десничарски политичари низ светот, вклучително и поранешни функционери од администрацијата на Трамп, го обвинија Букурешт за кршење на слободата на говор и игнорирање на „гласот на народот“. Американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс, ја обвини Романија дека „откажува избори затоа што не ѝ се допаѓа резултатот“.
Првичниот победник на изборите во ноември беше Калин Георгеску, независен кандидат со анти-ЕУ ставови и блиски релации со Москва. Тој пријави нула трошоци за кампањата, но успеа да добие најмногу гласови, иако неколку дена пред изборите имаше поддршка под 5 отсто.
Уставниот суд ги поништи резултатите поради класифицирани разузнавачки податоци за руска операција, која вклучувала кибер-напади врз изборниот ИТ-систем и манипулации на социјалните мрежи во корист на Георгеску. Во февруари тој беше ставен под истрага за неправилности во финансирањето на кампањата, злоупотреба на дигитални технологии и промовирање фашистички групи, а во март му беше забрането да учествува на изборите.
Симион, кој беше четврти на изборите во ноември, сега се обидува да ја искористи јавната лутина поради поништувањето на резултатите и забраната за Георгеску. Политичкиот аналитичар Кристиан Пирвулеску предупредува дека „антизападниот бран е во пораст и иднината на Романија е во ризик каков што досега не сме виделе“.
Социјалните мрежи, особено ТикТок, играат клучна улога и во оваа кампања. Симион, познат по националистичката реторика и емотивните обраќања директно во камера, има над 1,3 милиони следбеници. „Време е за препород. Нашата нација повторно ќе го пронајде својот пат“, порача тој во видео објавено во вторникот.
Неговата партија АУР на почетокот беше движење против вакцинација за време на пандемијата, а сега тој најавува дека ќе го покани Георгеску во владата доколку победи, иако десницата нема мнозинство во парламентот.
Иако Симион се претставува како „поумерен“ од Георгеску, тој силно инсистира на „суверенитетот“ на Романија и бара враќање на територии кои некогаш ѝ припаѓале на земјата, но денес се дел од Украина и Молдавија – земји во кои му е забранет влез. За разлика од Георгеску, Симион често ја критикува Русија, но уште поостро ја напаѓа ЕУ и отворено го поддржува движењето на Трамп – „Make America Great Again“ – повикувајќи на создавање сличен сојуз во рамки на ЕУ.
Според анкетите, Симион има поддршка од околу 30 отсто, што е околу 10 проценти повеќе од неговите главни ривали: градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, и Крин Антонеску, поддржан од владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) и централно-десничарската Национална либерална партија (ПНЛ).
Сепак, не се очекува Симион да добие над 50 отсто од гласовите во првиот круг. Најверојатно ќе се соочи со Антонеску или Дан во вториот круг, закажан за 18 мај.
Претседателот на Романија има полуизвршна функција со значајни овластувања во надворешната политика, безбедноста, буџетот за одбрана и судскиот систем. Тој исто така ја претставува земјата на меѓународната сцена и може да стави вето на важни одлуки во ЕУ.
Ако победи, Симион најави дека ќе ги објави записниците од состаноците што довеле до поништување на изборите, како и детални информации за „колку Романија има придонесено во воените напори во Украина на штета на нашите деца и постари лица“.
Оваа недела, тој одби да учествува во ТВ дебати, нарекувајќи го поништувањето на изборите „државен удар“, а отсуството на Георгеску – „непочитување на волјата на народот“.
Изборните места беа отворени од 7 до 21 часот по локално време, а првичните резултати се очекуваат наскоро по затворањето на гласачките кутии. Доколку резултатот е тесен, конечниот исход би можел да биде познат дури по неколку часа, бидејќи меѓу 5 и 7 отсто од гласовите се од странство.