Трамп најави трговски договор со Велика Британија за намалување на царините

2

Доналд Трамп кажа дека денеска ќе склучи голем трговски договор со земја што многу ја почитува, за која американските и британските медиуми објавија дека е Велика Британија. Британската влада се обидуваше да постигне договор откако САД наметнаа високи царини за речиси сите држави во светот.

-Денеска ќе има голема прес-конференција во врска со голем трговски договор со голема и високо почитувана држава, првиот од многу, напиша Трамп на социјални мрежи.

Ова доаѓа откако Трамп на 2 април воведе високи царини за десетици држави, пред да ги паузира на 90 дена за да остави време и простор за преговори. Во меѓувреме, владите низ светот побрзаа да се договорат пред истекот на крајниот рок.

Американските медиуми објавија дека САД се блиску до трговски договор и со Индија и Израел и дека продолжуваат преговорите со Јапонија, Јужна Кореја и Виетнам.

Оваа недела, Кина и САД објавија дека викендов ќе ја имаат првата рунда трговски преговори, што ќе се одвиваат во Женева. Во нив ќе учествуваат американскиот министер за трговија Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг. По враќањето во Белата куќа, Трамп воведе царини од 145% за Кина, која возврати со царини од 125%.

Makedonski