Таравари е пред излегување од Владата, но дали неговите министри и пратеници ќе го следат?
Двете средби што ги имаше премиерот Христијан Мицкоски во последните два дена со лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Тарвари, и со тројцата лидери на коалицијата Вреди, официјално не донесоа одговор дали министерот за здравство ќе ја напушти Владата. Сепак, од она што дознаваме за содржината на овие средби е дека за владината коалиција во никој случај не е прифатлива каква било форма на соработка со ДУИ. А токму Таравари со најавата за самостојно учество на локалните избори и средбите со лидерот на ДУИ Али Ахмети, го најави курсот на неговото следно политичко делување.
На оваа негова одлука вчера се јави неговиот сопартиец и министер Арбен Фетаи: „Верувам дека Алијанса за Албанците ќе остане верна на својот пат – патот на Арбри, на достоинство и храброст. И верувам дека, со заедничка волја, можеме да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото владеење на ДУИ“, напиша синоќа на својот фејсбук-профил Фетаи.
Оваа негова изјава индиректно најавува дека е можно и други пратеници на АА да не го следат патот на Таравари и да останат дел од коалицијата Вреди.
По средбата Мицкоски-Таравари, премиерот изјави дека разговорот поминал во конструктивна атмосфера и дека министерот за здравство добил рок до крајот на месецов да се изјасни дали ќе соработува со ДУИ или ќе остане дел од владината коалиција. На средбата на Мицкоски со лидерите од коалицијата Вреди, Биљал Касами, Изет Меџити и Зеќирија Ибрахими, било кажано дека влезот на ДУИ во каква било форма не е прифатлив за ниту еден член од владината коалиција. „Се разговараше за сите реформски прашања, силно се уважува волјата на граѓаните за реформи, борба против корупцијата и за промени на системот што го оставија ДУИ и СДСМ. Граѓаните нема да бидат разочарани. Разговорите продолжуваат“, соопштија владините извори.
Вреди, по средбата со премиерот, соопштија дека „заврши непринципиелната политика на две столчиња, каде што не се знае кој е сојузник, а кој противник. Вреди нема да дозволи ДУИ да се врати во оваа Влада, дури ни низ задната врата. Ниту преку нејзините врски ниту преку оние што се лошо фатени во мрежата на олигархијата на криминалот и корупцијата. Партнерството со Вреди не е засолниште за оние што ги прикриваат врските со криминалот со лажен патриотизам и со измислена виктимизација“.
Алијансата за Албанците на Таравари има петмина пратеници. Собраниското владино мнозинство е 78 пратеници, што значи дека таа бројка може да падне на 73, што е далеку повеќе од минималната бројка за мнозинство во македонското Собрание од 61 пратеник. Бројот на етнички Албанци во тоа мнозинство би бил 9, а опозицијата би имала 22 етнички Албанци. Ова го отвора прашањето за можни блокади на закони за кои е потребно Бадентеровото мнозинство.
Ова е добра подлога на ДУИ за барањата за предвремени парламентарни избори. Сепак најавата на Фетаи и некои други информации од собраниските извори, покажуваат дека математиката и не е така едноставна.
Тоа го најави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски: „Функционирањето на владината коалиција не е загрозено. Излегувањето на тие пратеници од АА на Таравари, колку и да бидат, не сум сигурен дека ќе бидат сите петмина, нема да го загрози функционирањето на коалицијата. Не сум сигурен дека сите петмина ќе излезат, бидејќи, повторно кажувам, има личности што имаат реноме и што сакаат да се согласат со принципите и вредностите на коалицијата“, рече Стојановски.
И собранискиот координатор на деветчлената пратеничка група на Вреди, Беким Ќоку, рече дека тие „и натаму соработуваат со петтемина пратеници на АА на Таравари“.
„Нашиот политички субјект сега има деветмина пратеници, но нормално дека се добредојдени и другите пратеници. Ние продолжуваме да имаме добри односи со пратениците на АА, бидејќи бевме, заедно, дел од една група, сме воделе заедничка битка во Парламентот, но и претходно. Пратениците што се на мислење да се продолжи со борбата против корупцијата, криминалот и црните листи, се добредојдени да ја продолжат битката против оваа криминогена структура“, изјави Ќоку.
И вицепремиерот Александар Николоски вели дека нема никаков проблем со стабилноста со власта. „Разговараме со коалиционите партнери и имаме јасна визија каде треба да се движи државата. Имаме стабилна Влада и не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ било формална или неформална. Премиерот има многу јасна визија каде сака да се движи државата, но она што е клучно во неговата визија е дека мора да имаме силна битка со организираниот криминал и корупција, кои најмногу беа олицетворени во ДУИ. Наше јасно ветување беше дека ДУИ ќе биде во опозиција, и ДУИ е во опозиција, и затоа не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ, на кој било елемент во рамки на Владата и во која било форма на соработка со политичката партија ДУИ, без разлика дали се работи за формална, неформална соработка, соработка само за локални избори и тука е всушност главната забелешка кон Арбен Таравари и кон неговото однесување. Соработката со ДУИ би била политичко самоубиство за Таравари“, категоричен е Николоски.
А.Д.