Индија и Пакистан се напаѓаат со ракети, се состана и телото надлежно за нуклеарно оружје на Пакистан

1

Ескалира состојбата помеѓу Индија и Пакистан, откако двете земји кои поседуваат нуклеарно оружје меѓусебно се обвинија за провоцирање на ракетни напади. Пакистанската војска вели дека уништила индиска воздухопловна база, аеродром и единица за складирање ракети, но и дека тоа било одговор на ракетните напади на Индија, вклучувајќи еден во близина на главниот град Исламабад. По денови војна со беспилотни летала, премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, ноќеска свика состанок на Националниот команден орган, одговорен за нуклеарното оружје на Пакистан.

Армијата тврди дека започнала контраофанзива, а цел се сите воздушни бази од кои Индија ги лансирала своите ракети. Се тврди дека се погодени теренски складишен простор, локација за батерии, позиција за артилериско оружје и штаб на бригада. Пакистанската армија тврди и дека ги уништила одбранбените системи С-400 на Индија, дека започнала сајбер напад и дека хакирала некои од водечките веб-страници во Индија.

Индиската армија, пак, соопшти дека Пакистан со употреба на беспилотни летала и друга муниција продолжува да напаѓа по западните граници на Индија, што се смета за обид за нарушување на суверенитетот на Индија и загрозување на цивилите.

„Тоа е неприфатливо. Индија ќе ги спречи непријателските планови. Непријателските беспилотни летала беа уништени од нашите единици за воздушна одбрана“, се вели во соопштението на армијата.

Идискиот министер за надворешни работи, Викрам Мисри, изјави дека пакистанските акции се тие што претставуваат провокации и ескалации, а како одговор, Индија се брани и реагира на одговорен начин.

Командантот на крилото на индиските воздухопловни сили, Вјомика Сингх и министерот за надворешни работи Мисри негираат дека пакистанските напади предизвикале каква било штета на воената инфраструктура во Индија.

„Пакистан се обиде да спроведе кампања за дезинформации, со тврдења за уништување на индискиот систем С-400 во Адампур, уништување на аеродромите во Сурат и Сирса, просторот Брахмос во Нагрота, позициите на артилериските топови во Дерангијари и складиштето за муниција во Чандигар. Индија недвосмислено ги отфрла овие лажни тврдења“, вели Сингх.

Пакистанската државна телевизија и одделот за односи со јавноста на армијата соопштија дека е започната контраофанзива против Индија, откако го обвини Делхи за лансирање ракети врз три пакистански воздухопловни бази. Кратко по пријавените напади аеродромската управа на Пакистан го затвори воздушниот простор на земјата за целиот сообраќај до пладне по локално време.

И Аеродромската управа на Индија објави дека затвора 32 аеродроми низ северниот и западниот дел на земјата до утрото на 15 мај.

Makedonski