ВМРО-ДПМНЕ: Во договорот со Обединетото Кралство нема мигрантски кампови
Потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски чин од највисоко државно значење. Тоа е чин со кој Македонија се позиционира како сериозен, стабилен и вредносно определен партнер во евро-атлантската заедница. Со големо жалење констатираме дека истовремено со ова државничко достигнување, се појавија апсурдни и злонамерни дезинформации, според кои наводно овој договор содржи одредби за отворање на мигрантски кампови во Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
-Јавно и недвосмислено потврдуваме – такво нешто не постои. Во документот нема ниту една одредба, најава или формулација што се однесува на отворање или организирање на каков било камп за мигранти на македонска територија. Текстот е јавно достапен и секој може да го прочита.
Дополнително, ниту еден сериозен медиум – домашен или меѓународен – кој известуваше од самитот на Европската политичка заедница во Тирана, не ја спомена оваа фабрикувана теза. Причината е едноставна – затоа што тоа не е вистина.
Не знаеме дали станува збор за свесен обид за нанесување штета, дали е нарачано од политичка партија, поединец или некоја друга структура, или, пак, произлегува од неинформираност и незнаење – но голем дел од медиумите денес излегоа со класична шпекулација, која, како по команда, почна да се шири со единствена цел: да се загрози ефектот од оваа одлична вест за нашата држава и нашите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ децидно потврдува: какви било договори за мигранти или камп за мигранти не постојат и не се дел од овој документ со Обединетото Кралство.