Меџити: Четворица пратеници од Европскиот фронт доаѓаат во Вреди
„Вреди нема да остане со девет пратеници, ниту Европскиот фронт со оние што ги има. Движењата започнаа и мислам дека во наредните денови, особено следната недела, ќе се види дека ситуацијата не е таква. Разговорите не се завршени, се наоѓаат во завршна фаза, но потврдувам дека има таков број што веќе го напуштија фронтот и го поддржуваат мнозинството“, рече Меџити, посочувајќи оти станува збор за четворица пратници од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Тој потврди и дека сите ресори во Владата што ги водеше крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари ќе останат на Вреди.
„Она што е власт и што му припаѓа на Вреди, останува на Вреди. Сега кој ќе биде дел од Вреди во иднина – поединци, други субјекти – тоа е прашање кое го дискутираме и дебатираме, но со оваа власт управува Вреди, сè додека не одлучиме за други околности за размена на ресори, но засега оваа тема е затворена“, додаде Меџити.
Според него, мнозинството од АА не се согласува со заминувањето на Таравари од Владата. За вицепремиерот задолжен за политики за добро управување, Арбен Фетаи, кој сè уште не одлучил дали ќе остане во Владата, Меџити рече дека е во комуникација со него.
„Мислам дека во овој период добро работеше како вицепремиер за добро владеење. Заедно придонесовме во важни прашања, етнички, и мислам дека е потребен на Владата. Се надевам дека ќе остане“, нагласи Меџити.
На локалните избори, тој најави дека покрај партиските, ќе поддржат и независни кандидати.
„Она што ќе биде добра вест за овие избори е дека Вреди ќе излезе од партиските бои, ќе излезе и надвор од Вреди. Ако кандидатурите се подобри во некоја општина, ќе ги поддржиме независните кандидати во големите урбани општини, а една од нив ќе биде и Гостивар“, рече Изет Меџити.