Второ издание на манифестацијата „Денови на поезијата“ во Скопје
Со поетски стихови од големи имиња како Григор Прличев, Константин Миладинов, Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Гого Ивановски, Игор Исаковски, Абдулазис Ислами, Славко Јаневски, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Георги Сталев и Лилјана Чаловска, денес од 18 часот во Скопје Сити Мол ќе биде отворено второто издание на манифестацијата „Денови на поезијата“.
Под мотото инспирирано од Ацо Шопов – „Поезијата е и стварност и фантазија – мит на јавето за блиското и далечно минато…“ – организаторите, фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол, повторно ќе обединат поетски гласови од сите генерации: од класиците, преку современите автори, до новите надежи на македонската поезија. Отворањето ќе биде посветено на значајни јубилеи поврзани со македонскиот јазик и книжевност.
Стиховите ќе ги интерпретира актерот Никола Ристановски, со придружба од студентите Анастасија Трајковска и Давид Димоски од ФДУ, и Никола Ѓоргиев и Антонио Трајкоски од ФМУ. За поетите и значењето на манифестацијата ќе говори Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература.
Таа ќе потсети на јубилеите што годинава се одбележуваат: 150 години од „Речникот на три јазика“ и 145 години од „Слогница речовска“ на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Леонард Мазинг, 100 години од издавањето на „Абецедарот“ во Атина и 80 години од усвојувањето на македонската азбука и правописот, како и печатењето на првиот буквар по ослободувањето.
Специјален гостин ќе биде Јанко Ивановски, ученик во VII одделение во ООУ „Ацо Шопов“ и правнук на поетот Гого Ивановски, роден пред 100 години – припадник на првата повоена генерација поети кои активно го градеа македонскиот поетски израз.
Претседателот на Македонскиот ПЕН центар, Владимир Мартиновски, ќе ги најави поетските средби што ќе се одржат во наредните два дена.
Омаж ќе биде оддаден и на поетите Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, преку настапи на нивните блиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална поддршка од Сашо Гигов-Гиш.
Отворањето ќе кулминира со поетскиот перформанс „Сенгор – Шопов: паралели со допирни точки“, во изведба на актерите Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со музичка придружба на Петар Ренџов, во чест на франкофонскиот поет Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец“ пред 50 години, и Ацо Шопов, кој со збирката „Слеј се со тишината“ пред 70 години го трасираше патот на модерната македонска поезија.