Уставниот суд ги укина измените во Изборниот законик кои ги отежнуваа условите за независни кандидати

5

Уставниот суд на денешната седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои беше значително зголемен бројот на потписи потребни за учество на независни кандидати и листи на избори. Со оваа одлука се укинуваат законски одредби што, според Судот, го загрозуваа политичкиот плурализам и правната сигурност – темелни вредности гарантирани со Уставот.

Оспорените измени, кои беа изгласани на 7 март 2024 година, предвидуваа независните кандидати да обезбедат потписи од најмалку 1% од вкупниот број избирачи во конкретната изборна единица или општина. Во пракса, тоа значеше дека наместо досегашните 1.000 потписи за пратеничка листа, се бараа од 2.500 до 3.500 потписи, во зависност од големината на изборната единица. За локални избори, на пример во Град Скопје, бројката скокна од 1.000 на 4.500 потписи.

Судијата известител во рефератот посочи дека ваквото зголемување на прагот не само што ја ограничува политичката конкуренција, туку и директно го повредува начелото на владеење на правото, како и предвидливоста на изборниот процес.

Иницијативата за оценка на уставноста ја поднесоа Лилјана Поповска и група граѓани преку адвокатската канцеларија Петрушева од Скопје. Според нив, измените претставувале обид за институционално попречување на независното политичко дејствување, со цел елиминација на алтернативни политички гласови.

Укинатите одредби требаше да се применуваат веќе на претстојните локални избори во октомври годинава, но со денешната одлука на Уставниот суд, тие повеќе не се дел од правниот поредок.

Makedonski