Љубчо Георгиевски: „Јас сум ванчовист, тој носи симбол на независна и самостојна Македонија

117

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, денеска сведочеше во Основниот суд во Битола како сведок на одбраната во случајот против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на сега веќе избришаниот бугарски клуб „Иван Михајлов“.

Обвинетиот Ѓоргиевски се товари за предизвикување национална и расна омраза, ксенофобија и расизам преку компјутерски систем, во постапка што ја води Основното јавно обвинителство Битола, а која трае од 2023 година.

На сведочењето, Георгиевски негираше дека лично го познава обвинетиот, но рече дека сам се јавил да сведочи затоа што смета дека процесот е насочен и кон историската фигура Ванчо Михајлов.

За мене Михајлов е симбол на независна Македонија. Денешното ВМРО има континуитет со неговото. Во 1934 година се повлекол од политиката, а Хитлер доаѓа на власт во 1933 – немал време да стане дел од таа идеологија.

изјави Георгиевски.

Тој се опиша како „ванчовист“, посочувајќи дека отворањето на клубот во Битола му предизвикало позитивни чувства и го нарече „храбар чин“.

Обвинителката Оливера Нечаковска реагираше со став дека на обвинителна клупа не е Ванчо Михајлов, туку Љупчо Ѓоргиевски. Таа го праша Георгиевски дали е историчар, на што тој одговори негативно, но посочи дека над 30 години чита и анализира историја и дека ниеден историчар не сака да се соочи со него во дебата.

Во расправата се спомна и автобиографската книга на Георгиевски „Тоа сум јас“, каде што, според обвинителката, тој тврди дека Македонците се „најголеми фалсификатори на сопствената историја“. Георгиевски одговори:

Тоа не само што го напишав, туку и 20 пати сум го кажал, последен пат во мојот подкаст.

Георгиевски исто така тврди дека Ванчо Михајлов бил повикан од германската администрација во 1944 година за создавање независна македонска држава, но се повлекол за да спречи граѓанска војна. Одби и етикетирање како фашист, тврдејќи дека „ванчомихајловистите“ спасувале Евреи.

На прашањето на обвинителката во однос на историскиот лидер на ВМРО, “може ли некој да изврши злосторство без да биде суден и осуден?”, бившиот премиер Љубчо Георгиевски одговори: „Да, типичен пример е Тито.“

Денес треба да се одржаа завршните зборови на судењето.

Бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар, но неговите активности продолжија преку ново здружение со име „Еднаква роза“, во истиот објект во Еврејското Маало во Битола.

Makedonski