Шок на Харвард по забраната за упис на студенти од странство
Страв и конфузија завладеа на Харвард, еден од најпрестижните универзитети во светот, откако администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп објави дека повеќе нема дозвола да запишува меѓународни студенти, објави Њујорк Тајмс. Одлуката, соопштена од секретарката за безбедност Кристи Ноем, ги остави илјадниците студенти од странство, кои сочинуваат над една четвртина од студентското тело, во неизвесност за нивната иднина.
„Харвард повеќе нема дозвола да запишува странски студенти, а веќе запишаните странски студенти мора да се префрлат на друг универзитет или ќе го изгубат својот легален статус“, се вели во соопштението на американското Министерство за безбедност.
Само неколку минути пред објавата, службениците од Меѓународната канцеларија на Харвард им честитаа на дипломците од Кенеди школата за владеење, славејќи го нивниот успех и тоа што го претрпеа во последните неколку месеци. Веднаш потоа, нивните телефони се наполнија со нотификации за вонредни пораки.
„На Харвард дојдоа студенти од целиот свет со намера да направат позитивни промени и тука, и во своите земји. Сега, сето тоа е во ризик да се распадне. Срцето ми се кине“, изјави за Њујорк Тајмс, Карл Молден, студент од Виена кој штотуку ја завршил својата втора година.
Харвард се соочува со сериозен притисок од април наваму, откако ректорот Алан М. Гарбер одби да ги прифати барањата на администрацијата за промена на политиките за вработување, прием и наставна програма. Како одговор, Владата замрзна федерални грантови во вредност од преку 2 милијарди долари. Универзитетот поднесе тужба до сојузниот суд во Бостон, но во меѓувреме беа укинати значителни средства за научни истражувања што ги дестабилизира буџетите и принуди некои програми драстично да го променат својот фокус.
Можната забрана за запишување странски студенти би значела драстична промена за институцијата. Над 6.800 студенти доаѓаат од странство, а нивниот број континуирано расте во изминатите децении. Особено погодени ќе бидат постдипломските програми. На пример, на Кенеди школата, 59 отсто од студентите се меѓународни. На Факултетот за јавно здравје „Т.Х. Чан“ странските студенти сочинуваат 40 отсто, додека на Бизнис школата 35 отсто.