Британска амбасада: Нова ера во односите меѓу двете земји

1

„Ова партнерство ја поддржува реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во различни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергетика и технологија. Ќе може да се потпре на широк спектар на поддршка, вклучувајќи програми за техничка помош и до 5 милијарди фунти поддршка за финансирање проекти во Северна Македонија“, наведуваат од амбасадата.

Потпишанаото партнерство Влада со Влада, како што се посочува, ја нагласува посветеноста на двете земји да соработуваат на клучни инфраструктурни проекти кои обезбедуваат социјални, економски и еколошки придобивки.

„Со искористување на експертизата и иновациите на двете земји, ова партнерство ќе го поттикне развојот на инфраструктура што поттикнува раст и просперитет. Размената на знаење и најдобри практики меѓу нашите две земји ќе биде од централно значење за овој G2G, црпејќи од експертизата во соодветните инфраструктурни области на двете земји. Ова значи дека Владата на Обединетото Кралство и британските бизниси работат во партнерство со Владата на Северна Македонија и нивниот локален синџир на снабдување за реализација на инфраструктурни проекти низ Северна Македонија. Овој пристап ќе генерира взаемни придобивки за двете земји преку споделување на иновации за испорака на отпорна инфраструктура што го поттикнува растот“, се вели во соопштението од Амбасадата на Обединетото Кралство.

И британскиот амбасадот Метју Лосон, во интервју за 360 степени, оценува дека ова е клучен момент во односите помеѓу двете земји.

Договорот влада со влада, според амбасадорот, претставува пресвртница во стратешко инвестициско партнерство меѓу Лондон и Скопје. Тоа вклучува соработка меѓу компании и влади, техничка помош од британски владини институции за поддршка на инфраструктурни проекти.

„Владата веќе ги наведе двата приоритета – брзата железница и здравствениот сектор – болници. Што може граѓаните да очекуваат? Квалитетна и брза изградба на инфраструктура со британска експертиза, според британски стандарди. Во рамки на договорот влада со влада ќе донесеме и институции од нашата страна за техничка поддршка. На пример, ќе имаме специјалисти од јавното здравство кои ќе соработуваат со вашата влада за изградбата на болниците. Исто така, ќе го имаме и конзорциумот ‘Кросреил’, ако Владата го сака, а тоа е истиот оној што го изгради и дизајнираше комплексниот инженериски потфат на железничка мрежа исток-запад во Лондон. Значи, ќе ја понудиме оваа техничка експертиза. Што се однесува до финансирањето, постои британска извозна финансиска рамка која го нуди договорот за финансирање. Вкупната рамка е 5 милијарди фунти и досега владата разгледува искористување на околу 2 милијарди фунти, што е малку повеќе во евра, за стратешките проекти во железницата и болничката инфраструктура“, изјави амбасадорот Лосон.

Makedonski