Мисајловски и Калас ги посетија Балканските медицински наменски сили
Министерот Владо Мисајловски и високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас денеска (23 мај) ги посетија Балканските медицински наменски сили (Balkan Medical Task Force) каде извршија увид во опремата со која Европската Унија го поддржа развојот на оваа регионална организација.
Министерот Мисајловски истакна дека поддршка од Европската Унија, но и од сојузниците во градење на македонските одбранбени капацитети се должи на искрената посветеност, подготвеност и професионалност во зачувувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот и пошироко.
-Европската Унија ја препозна нашата искрена заложба за зајакнување на безбедноста вклучувајќи го и придонесот во мировните мисии и операции и одговори позитивно на барањата за зајакнување на македонската Армија со помош во опрема во висина од 40 милиони евра, рече министерот.
Тој додаде дека европската помош се однесува на „ опрема за потребите на инженерија, за воено медицинскиот центар, за Лесната пешадиска баталјонска група, за логистиката, технологии поврзани со разузнавање, набљудување и извидување, електронско војување, комуникациско – информациски системи, системи за команда и контрола, заштитна опрема” и посочи дека со оваа помош е опфатена и обука на персонал.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Калас за Балканските медицински наменски сили рече дека се силен пример за регионална соработка што дава резултати.