Бугарија доби одобрение од ЕУ за воведување на еврото од први јануари 2026

5

Европската комисија даде позитивна оценка за пристапувањето на Бугарија кон еврозоната, откако земјата ги исполни економските услови за усвојување на еврото како официјална валута. Како што беше објавено во средата, Комисијата и Европската централна банка оценија дека бугарската економија е доволно подготвена за преминот.

„Бугарија денес е чекор поблиску до еврото“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, честитајќи ѝ на земјата и нагласувајќи дека со тоа ќе го добие своето „заслужено место“ во носењето на важните одлуки во еврозоната.

Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, ја пофали Владата во Софија за, како што рече, „големиот напор“ во исполнувањето на реформите потребни за пристапување во монетарната унија. Бугарија веќе неколку пати се обидуваше да го воведе еврото, но беше спречена од високата инфлација.

Во 2023 година, инфлацијата во Бугарија изнесувала во просек 2,7%, што е во согласност со европските критериуми – односно под горната граница од 1,5 процентни поени над просечната инфлација во трите најстабилни економии од еврозоната.

Меѓу останатите услови што земјата ги исполнила се стабилен буџет без прекумерен јавен долг и стабилен девизен курс, при што левот уште од 2020 година е врзан за еврото преку Европскиот механизам за девизен курс (ERM II).

Доколку министрите за финансии на ЕУ дадат зелено светло на одлуката, што се очекува во јули, Бугарија би можела официјално да го воведе еврото на 1 јануари 2026 година, со што ќе стане 21-та членка на еврозоната – и најсиромашна по доход од сите.

Makedonski