Невремето предизвика големи штети во струмичкиот регион, општините бараат итно обештетување

6

Силно невреме проследено со дожд, ветер и град вчера го зафати струмичкиот регион, при што беа предизвикани значителни штети на земјоделските површини и пластениците во селата Муртино, Еднокуќево и Босилово.

Најпогодени се пластеничките производители, чии конструкции се урнати од силниот ветер, а дел од обработливата земја е под вода. Жителите велат дека ова е голем удар врз нивната егзистенција, бидејќи штетите се случуваат во период кога производите требаше да се собираат и пласираат на пазарот.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, преку својот фејсбук профил информираше дека во селото Муртино веднаш е формирана Комисија за проценка на штетите и ги повика сите оштетени граѓани од понеделник да ги поднесат своите пријави во Општината.

„Сега топката е кај Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Јасно и гласно порачувам: не смеете да ги заборавите овие луѓе. Муртино не е политичка категорија – тоа се чесни луѓе кои живеат од својата земја. Бараме 100 отсто обесштетување. Сѐ помалку од тоа ќе биде навреда и омаловажување за секој што изгубил плод, имот или покрив над главата“, порача Костадинов.

И градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, потврди дека невремето нанело штети и во селата Еднокуќево и Босилово. Тој најави дека детална проценка ќе се направи во наредните денови, а од понеделник ќе биде познато и какви мерки ќе се преземат за помош на населението.

Општинските власти апелираат за брза реакција од централната власт и за воспоставување на фонд за итна поддршка на земјоделците, особено во пресрет на новата сезона.

Makedonski