Поплави, паднати дрвја и сообраќаен застој после краткото невреме во Скопје
Силно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и град попладнево го зафати Скопје, предизвикувајќи сериозни проблеми на повеќе локации во главниот град. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека преку бројот за итни повици 112 се примени повеќе пријави за штети од граѓани.
На улицата „Кочо Битољану“, во близина на „Алкалоид“, пријавено е паднато дрво со потенцијална опасност да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и се очекува нивна интервенција.
Друго паднато дрво е пријавено и на улица „Рузвелтова“, кај Сетек во Општина Карпош, каде што се блокирани три сообраќајни ленти – проодна е само една.
На булевар „Никола Карев“, под Стоковна куќа Мост кај Бит Пазар, пријавена е голема поплава – вода висока околу 50 сантиметри целосно го блокирала сообраќајот и заглавила повеќе возила.
Поплави има и на улица „Петар Манџуков“ во населба Бутел, каде шахтите се запушени и водата не се повлекува, како и на „Македонско-косовска бригада“ во Чаир, каде што неколку возила се заглавени, а паркот во близина е под вода.
Во Општина Кисела Вода, на улица „Народни херои“, пријавена е навалена бандера од уличното осветлување, што претставува дополнителна опасност.
ЦУК апелира до граѓаните сите животозагрозувачки ситуации да ги пријавуваат на бројот 112, и уверува дека е во постојана координација со сите надлежни служби за ефикасно справување со последиците од невремето.
Граѓаните се повикуваат на максимална внимателност, особено во сообраќајот и движењето низ критичните точки.