Размислувања за иднината на Северна Македонија
Во организација на политичката партија СДА Македонија денеска во хотелот „Бест Вестерн“ беше одржана трибина со работен наслов „Размислувања за иднината на С. Македонија“ на која како говорници учествуваа: Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-Народна партија и поранешен премиер на Македонија, Никица Корубин, поранешна пратеничка и аналитичарка и Ивон Величковски, лидер на Движење за Нова република и поранешен пратеник.
Трибината ја модерираше претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ.
На трибината беше изразена голема загриженост за тоа што Владата го менува правецот на меѓународната политика кон Исток и ги преобликува стратешките цели на државата. Говорниците истакнаа дека Владата, со тоа што не ги усвојува неопходните измени на Уставот и го блокира процесот на европските интеграции, повторно ќе ја изолира Северна Македонија од демократскиот и развиен свет. Ова може да ги поттикне младите уште повеќе да ја напуштаат земјата. Исто така, беше критикувано дека ваквата изолација ја спречува земјата да се приклучи на проширувањето на ЕУ заедно со Црна Гора и Албанија, кое е планирано да се случи до 2030 година.
Говорниците остро ја критикуваа одлуката за воспоставување стратешко партнерство со Унгарија на Орбан, користејќи нетранспарентен кредит од милијарда евра. Тие истакнаа дека авторитарното владеење на Виктор Орбан е предмет на сериозни критики од страна на земјите-членки на ЕУ, кон која Северна Македонија тежнее да се приклучи.
Сме поминале многу притисоци и многу отстапки, преку тешки искушенија и за мене е тотално ирационално сега кога толку малку се бара, а тоа што сега се бара не го сметам ниту за отстапка, затоа што филозофијата на македонската држава е да ги негува, да ги збогатува, етничките заедници и народите што живеат на нејзина територија.
Во таа насока можам да кажам дека овој квази патриотизам кој во овие 30 години никогаш не бил неприсутен во Македонија, меѓутоа со Преспанскиот односно со борбата за името и сега со борбата против уставните измени, и покрај тоа што истиот устав го имаме осум пати сменето, за мене е ирационален.
Сметам дека ова што го правиме сега како држава, како граѓани на оваа држава преку владата која има многу голем мандат да управува со оваа држава за мене е несфатливо и не памтам некоја држава толку голема шанса да ја упропасти заради ирационални чекори.
рече поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски.
Во своето експозе аналитичарката и поранешна пратеничка Никица Корубин ќе каже:
Во овие 30 години успеавме на мнгоу сложен начин да ги регулираме односите внатре преку рамковниот договор, успеавме да ги регулираме односите виза ви светот, да се позиционираме преку преспанскиот договор, со соседите преку договорот со Бугарија, тоа е пораката што треба да им ја пратиме на граѓаните, тие сакаат нормален живот колку што е можно, сакаат сигурност, сакаат демократско општество. Демократското општество, демократијата и културата на цивилизацијата се наоѓа само во Европската унија и никаде на друго место и тој круг само ќе се стеснува во иднина, таму припаѓаме културолошки, цивилизациски, ако сакате и идентитетски и географски се разбира. Значи ако сакаме да го зачуваме идентитетот, ќе го зачуваме само како нормална и функционална држава и тоа можеме да го направиме само во Европската унија.
Треба да дадеме поддршка сите како чинители, политичари како и граѓани кои политиката ги засега или не.
Поранешниот пратеник и лидер на Движењето за нова република Ивон Величковски истакна дека:
И покрај сите наши напори, Северна Македонија и нацијата на Северна Македонија и македонскиот народ во неа успеаа во остварувањето на своите стратешки и суштински цели, кога зборувам наши мислам на политички напори бидејќи секоја лажна драматизација и секое лажно претставување на приоритетите и предизвиците во смисла драматизирање заради капитализирање на политички поени, не доведе до тоа да го одложиме сопствениот процес на напредок како држава, како народ и како нација, да го одложиме за отприлика дваесеттина години односно тоа значи дека ова иселување кое што сега се случува и оваа деиндустријализација не подјадоа во супстанца, а следните дваесет години нема да може да ги издржиме вака комотно. Затоа мислам дека сепак и покрај се народот нацијата и гласачите ќе бидат помудри од политичарите.