Протест пред Амбасадата на Северна Македонија во Софија поради пресудата за Љупчо Георгиевски

12

Младинската организација на ВМРО-БНД во Бугарија денеска организираше протест пред Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија. Поводот за протестот е судската пресуда против Љупчо Георгиевски, претседател на затворениот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

Георгиевски е осуден на една година условна казна, поради објава на социјалните мрежи во која го цитира историскиот водач на ВМРО, Иван Михајлов. Бугарската агенција БГНЕС пренесе дека учесниците на протестот ја оценија пресудата како политички мотивирана и „удар врз македонските Бугари“.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој присуствуваше на протестот, изјави:

Пресудата над Љупчо Георгиевски е пресуда над сите македонски Бугари. Никакви преговори со држава со севернокорејски менталитет.

Тој повика на индивидуални санкции против членовите на македонската влада и правосудниот систем кои, според него, се вклучени во репресија и прогон на Бугарите во Северна Македонија. Џамбаски најави кампања со која ќе побара вклучување на Европскиот парламент и Европската комисија во случајот, како и можно бугарско вето во процесот на европска интеграција на Северна Македонија.

На митингот присуствуваше и диригентот Христо Христов, кој е потомок на семејството на Гоце Делчев, историска фигура која често е предмет на спорни толкувања меѓу двете држави.

Makedonski