ЦУК известува: Пожари во Скопје и Валандово, инцидент со мечка во Тетовско
Пожар во куќа – населба Нерези, Скопје
Денеска попладне избувна пожар во куќа на улицата „Демир Трајко“ во скопската населба Нерези, во близина на основното училиште. Според првичните информации, во моментот на избувнување на пожарот во објектот имало едно лице. Засега не се познати причините за пожарот.
На терен интервенираа екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, Итната медицинска помош и полицијата. Според најновите информации од РЦУК Скопје, пожарот е локализиран и нема повредени лица.
Пожар над село Јосифово – Општина Валандово
Пријавен е пожар на отворен простор над селото Јосифово, каде што гори нискостеблеста шума. Екипите на Територијалната противпожарна единица од Валандово се на терен со шест пожарникари и две возила, објави РЦУК Струмица. Интервенцијата е во тек.
Пожар на депонија – Визбегово, правец Шуто Оризари
Во Скопје е пријавен пожар на депонија во реонот на Визбегово, со потенцијал за проширување. Противпожарната бригада на Град Скопје е известена и постапува по пријавата. Засега нема информации за причините или евентуални последици.
Инцидент со мечка – село Селце, Тетовско
Во селото Селце, Општина Тетово, утрово е пријавен напад од мечка врз домашни животни. Едното животно било изедено, а другото повредено. Настанот го пријавил сопственикот, кој го затекнал местото на настанот во утринските часови.
СВР Тетово изврши увид и состави записник, а случајот е евидентиран.