Седум години од потпишувањето на Договорот од Преспа

3

На денешен ден, 17 јуни, се навршуваат точно седум години од потпишувањето на Договорот од Преспа – историски договор кој стави крај на деценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција. Според договорот, потпишан во селото Нивици (Псарадес), на брегот на Преспанското Езеро, нашата земја го прифати новото уставно име „Република Северна Македонија“, додека Грција за првпат официјално го призна македонскиот јазик и националност.

Договорот претставуваше значаен пресврт во односите меѓу двете земји и отвори нова перспектива за евроатлантска интеграција. Само неколку месеци подоцна, Северна Македонија доби покана за членство во НАТО, а билатералната соработка со Грција беше зајакната на економски, политички и безбедносен план.

Овој компромис беше резултат на интензивна дипломатска активност, предводена од тогашните влади на СДСМ во Македонија и СИРИЗА во Грција. Документот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. На церемонијата присуствуваа и посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан и тогашната висока претставничка на ЕУ Федерика Могерини.

Договорот од Преспа и денес предизвикува поделени мислења во македонското општество, но останува едно од најзначајните дипломатски достигнувања на земјата со трајно геополитичко влијание во регионот.

Makedonski