МАГА сојузниците се против американски напад на Иран, но не го критикуваат Трамп
Додека во редовите на Републиканската партија се води жестока битка околу прашањето за директна воена интервенција против Иран, истакнати конзервативци и блиски сојузници на поранешниот претседател Доналд Трамп остро се противат на таква интервенција, но внимателно избегнуваат директно да го критикуваат токму него, пишува Политико.
Недоразбирањата внатре во партијата се движат помеѓу изолационистите, кои бараат од Трамп да остане доследен на своите ветувања за избегнување нови војни на Блискиот Исток, и интервенционистите, како сенаторот Линдзи Греам, кои повикуваат на построг однос кон Иран, став што, според некои, полека го добива и вниманието на самиот Трамп.
И покрај гласните критики упатени кон други актери, вклучително и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и сенаторот Греам, само неколкумина се осмелуваат да упатат критика директно кон Трамп.
„Правете скриншотови од секој десничар што моментално зборува лошо за Трамп“, напиша десничарската инфлуенсерка Лора Лумер на мрежата Х (поранешен Твитер). Таа ги повика своите следбеници да ги објават доказите во коментарите и остро ги осуди таканаречените „профитери“ кои „се свртија против Претседателот Трамп“.
Еден од најгласните Трампови поддржувачи, Стив Бенон, предупреди дека САД не смеат да се впуштат во нов конфликт налик на оној во Ирак. „Израелците мора да го завршат тоа што го почнаа. Тие го почнаа ова. Тие треба и да го завршат“, рече Бенон на настан организиран од Кристијан Сајенс Монитор упатувајќи критики кон Нетанјаху за тоа што очекува администрацијата на Трамп да се вмеша по нападот врз Иран.
Од друга страна, некои од најгласните поддржувачи на Трамп продолжуваат отворено да го поддржуваат неговиот пристап.
„Претседателот Трамп е претседател на мирот, не на војната“, изјави конгресменот Енди Бигс од Аризона, член на Фридом Кокус. „Му верувам нему и на неговиот кабинет дека ќе го стават интересот на Америка на прво место“, додаде тој.
Поделбата внатре во партијата го поттикна и потпретседателот Џеј Ди Венс да се огласи. Тој, иако претходно се идентификувал како изолационист, сега застана во одбрана на претседателот. Во објава на Х, Венс призна дека постои загриженост за можна долгорочна војна, но сепак изрази доверба во одлуките на Трамп.
„Секако дека е разумно луѓето да се плашат од нови странски мешања по 25 години идиотска надворешна политика. Но, верувам дека претседателот заслужува доверба по ова прашање“, напиша Венс.
И самиот Трамп се обидува да го балансира ставот. По иницијалното воздржување од директна поддршка за израелската кампања, тој даде сигнали дека САД се подготвени да учествуваат со директни напади, вклучително и со употреба на специјални „bunker buster“ бомби за уништување на иранскиот нуклеарен капацитет Фордо, нешто што израелската војска сама не може да го изведе.
„Претседателот Трамп никогаш не отстапи од ставот дека Иран не смее да дојде до нуклеарно оружје. Американците му веруваат дека ќе донесе исправни одлуки за да ги заштити“, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.
Еден од ретките што директно го нападна Трамп е поранешниот водител на Фокс њуз, Тaкер Карлсон. Тој минатата недела го обвини претседателот дека е „соучесник во чин на војна“ по израелскиот напад врз Иран.
Во нова епизода од неговиот поткаст објавена во средата, Карлсон ги продолжи нападите врз интервенционистите во Републиканската партија и влезе во директен судир со сенаторот Тед Круз, кого го обвини дека не ја разбира сложеноста на Иран врз кој бара интервенција.
Реакцијата на Трамп не изостана. Во понеделникот на Трут соушал го нарече Карлсон „лудак“. Но, веќе во средата, Трамп тврдеше дека нивните односи се поправиле.
„Такер е добар тип. Ми се јави и се извини, бидејќи сметаше дека бил малку премногу остар, и јас го ценам тоа“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Конгресменката Марџори Тејлор Грин, исто така силен Трампов сојузник, речиси го критикуваше претседателот кога јавно застана зад Карлсон.
„Тој верува во истите нешта како и јас“, напиша Грин на Х. „Војните низ светот, интервенциите и промените на режими ја ставаат Америка на последно место, убиваат невини луѓе, нè прават сиромашни и ќе нè уништат. Тоа не е лудост. Тоа е она за што гласаа милиони Американци“, додаде таа.
Во друга објава, Грин ги нападна „милитаристите“ за тоа што, според неа, сакаат „прокси војна со Русија во Украина, борба против Иран заради Израел и заштита на Тајван заради Кина“.
И покрај растечките несогласувања, некои водечки фигури во Републиканската партија не покажаа загриженост.
„Во нашата партија има луѓе со различни ставови за улогата на Америка во светот. Но мислам дека претседателот е во рамки на своите овластувања, разбира што е во прашање и ќе направи сè што е потребно за да ја заштити Америка и нејзините интереси“, изјави лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тјун.