Македонија, Србија и Словенија со заедничка кандидатура за ЕП 2034 во ракомет
Македонија, Србија и Словенија би можеле да бидат домаќини на Европското првенство во ракомет во 2034 година. Претседателот на Ракометната федерација на Словенија, Бор Розман, најави дека трите земји се веќе во преговори за поднесување на заедничка кандидатура до Европската ракометна федерација (EHF).
Според досегашните планови, Македонија би била домаќин на една од групите во првата фаза, како и на дел од натпреварите од втората фаза. Словенија би организирала натпревари од двете групни фази, како и полуфиналните пресметки, додека Србија би ја презела улогата на домаќин на завршницата на шампионатот, поради големиот капацитет на салите.
Доколку кандидатурата биде прифатена, ова ќе биде првпат Македонија да биде коорганизатор на едно машко Европско првенство во ракомет, што ќе претставува голем поттик за развојот на спортот и нова можност за промоција на земјата пред европската публика.