Државните возила добиваат обележани таблички најдоцна до септември

3

Сите службени возила на државните институции најдоцна до почетокот на септември ќе добијат таблички во боја – црвена и жолта, најави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Мерката ќе биде имплементирана пред одржувањето на локалните избори, кои, според првичните најави, се очекуваат околу 15 октомври.

Министерството за внатрешни работи веќе има распишано тендерска постапка за набавка на боите со кои ќе се обележуваат таблиците. Јавното отворање на понудите е закажано за 25 јуни.

– Очекуваме да добиеме најповолна понуда и веднаш по завршување на постапката, ќе следува одлука на Владата со која сите институции – државни, јавни претпријатија, општини и министерства ќе бидат задолжени во рок од 30 дена да ги заменат таблиците, изјави Томовски за ТВ24.

Промената на табличките ќе се финансира од буџетите на самите институции. Цената за нови таблици и сообраќајна дозвола изнесува околу 1.200 денари по возило.

– Тоа е мала инвестиција во однос на можноста за контрола, транспарентност и заштеда во работењето на институциите. Време е државата да покаже сериозност пред граѓаните, нагласи Томовски.

Според анализите на СОЗР, моментално има околу 7.000 службени возила, но околу 1.000 од нив ќе бидат исклучени од обврската поради безбедносни причини – како што се возилата на МВР, АРМ и други безбедносни служби.

Паралелно со обележувањето на возилата, Владата работи и на создавање на регистар на сите државни возила, а во тек е и подготовка на регистар на државни објекти, проект што го координира вицепремиерот Арбен Фетаи.

Makedonski