Да се избегнува трошење на водата за полевање зеленило и полнење базени, апелира скопски „Водовод“
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира за зголемена потрошувачка на водата и упатува апел до граѓаните за рационално користење, особено во летниот период.
Од претпријатието повикуваат да се избегнува непотребна употреба на вода за полевање зелени површини, перење возила, полнење базени, како и за активности преку диви приклучоци. Тие потенцираат дека дивите приклучоци предизвикуваат директна штета врз водоснабдителниот систем и го загрозуваат квалитетот на услугата за сите корисници.
Граѓаните кои ќе забележат див приклучок се охрабруваат да го пријават на 02 3073 010, или преку веб-страницата на водовод.