Почнува мобилизацијата за локалните избори
СДСМ вчера објави 19 кандидати за градоначаници, но без информација за тоа дали ќе има нивни кандидати за градоначалници со доминантно албанско население. Се претпоставува дека СДСМ нема да има кандидати во општините Чаир, Гостивар, Сарај, Струга и Желино, општини во кои ДУИ смета дека веќе имаат сигурна победа.
Претседателот на Владата и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера не кажа кој ќе биде нивен кандидат за градоначалник на Скопје, но напомена дека тој ќе биде поддржан од коалицијата што ќе ја предводи неговата партија и дека ќе биде иден градоначалник.
„Имаме неколку имиња кои се предмет на анкети. Во првата половина на јули ќе биде познат кандидатот и идниот градоначалник на Скопје, кој ќе биде поддржан од ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата“, рече Мицкоски.
За соработката со владиниот коалициски партнер политичката партија ЗНАМ, Мицкоски напомена дека се водат преговори за заеднички настап и поддршка на градоначалници и за советнички листи во општини каде ќе има потреба.
Заменик-претседателот на Владата од коалицијата Вреди, Изет Меџити вели дека и покрај тоа што на последните избори се соочиле со коалиција од четири заедници и девет политички партии, сепак успеале да победат, а сега и со вклучувањето на Арбен Таравари како десетта партија, исходот повторно ќе биде во нивна полза.
„И со 10 партии против нас, победуваме затоа што вреди. На претходните избори нè имаа против себе четири заедници и девет партии. Денес со Таравари се 10, но ние повторно победуваме“, рече Меџити.
Тој нагласи дека Вреди досега направиле повеќе за унапредување на положбата на Албанците отколку што било сторено во последните две децении.
„Ние го подобруваме она што не е направено 20 години. Ги повикуваме токму таму каде што најсилно нè напаѓаа. Почнаа со крокодилски солзи за Законот за јазиците, за албанскиот како службен јазик. Го претставуваа тоа како трагедија, како да е загрозен јазикот. А денес, кога се разрешува уставна судијка што го нарушила албанскиот јазик — избрана токму од нив — тие молчат. Секој што го нарушува Охридскиот рамковен договор, темелите на оваа држава и достоинството на Албанците, мора да биде санкциониран. А ДУИ и другите денес молчат и не ја споменуваат темата за јазикот“, рече Меџити.
Тој најави и дека наскоро конечно ќе се реши прашањето на соодветната застапеност на Албанците во администрацијата, со нов закон кој, како што рече, ќе биде донесен во вторник на владина седница. „После 30 години, за првпат, ова прашање ќе се затвори како што треба“, додаде Меџити.
За вчера објавените 19 кандидати за градоначалници претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека овие кандидати биле избрани со прилично широк консензус во општинските организации, луѓе кои што имаат и кредибилитет и легитимитет да ја побараат довербата, некои за првпат, некои повторно од граѓаните.
„Актуелните градоначалници коишто навистина направија вистинска промена во општините: во Центар, во Крушево, во Крива Паланка – општини и градови коишто станаа целосно нови во времето на нивните мандати, и сметам дека се луѓе кои што можат да излезат пред граѓаните и може слободно да кажеме дека сè што ќе ветат ќе биде исполнето согласно нашата програмска заложба, која што ќе биде градена врз основа на вредносните принципи“, рече Филипче.
За ДУИ локалните избори во октомври се еден вид референдум. Така барем најави ексминистерот за економија, Крешник Бектеши, кој откако е обвинет во предметот за пожарот во Кочани за првпат се јави на социјалната мрежа фејсбук. Тој е во куќен притвор, а напиша само два збора: „октомври = референдум“. Ова е еден вид повик на ДУИ за политичка мобилизација на членството и нивните симпатизери.
На Европскиот фронт, коалицијата на ДУИ, деновиве се очекува и официјално да се приклучи Арбен Таравари. Тоа значи дека Алијанса за Албанците на Зијадин Села и на Таравари сепак ќе настапат заедно на локалните избори. Наскоро се очекуваат и нивните кандидати за градоначалници.
Главно, одговорите на прашањата кој кого ќе поддржи на локалните избори, а во кои општини ќе се трча со сопствени кандидати и листи, ќе се знаат до крајот на август, а може и порано.