Берзите под притисок поради кризата на Блискиот Исток – доларот зајакна

3

Цените на акциите на светските берзи забележаа пад минатата недела, бидејќи инвеститорите стравуваат од продлабочување на кризата на Блискиот Исток по ескалацијата на воениот судир меѓу Израел и Иран.

На Волстрит, Dow Jones речиси остана непроменет со раст од 0,02 проценти, достигнувајќи 42.206 поени, додека Nasdaq порасна за 0,2 проценти, на 19.447 поени. Индексот S&P 500, пак, забележа пад од 0,2 проценти, затворајќи на 5.967 поени.

На европските берзи исто така преовлада негативен тренд. Лондонскиот FTSE се намали за 0,7 проценти на 8.774 поени, франкфуртскиот DAX изгуби 0,7 проценти, достигнувајќи 23.350 поени, а парискиот CAC забележа најголем пад од 1,2 проценти и се спушти на 7.589 поени.

И покрај глобалната несигурност, американскиот долар зајакна во однос на другите светски валути. Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте главни светски валути, порасна за 0,6 проценти и достигна 98,77 поени. Еврото се лизна за 0,2 проценти и изнесува 1,1525 долари, додека доларот зајакна во однос на јапонската јена за 1,3 проценти, достигнувајќи 146,05 јени.

Иако доларот подолго време беше под притисок поради нестабилните трговски политики на американскиот претседател Доналд Трамп, последната геополитичка тензија му донесе ново засилување. Инвеститорите повторно го гледаат доларот како сигурно прибежиште за капиталот во време на зголемена неизвесност.

Makedonski