Ново поскапување на горивата – бензините и дизелот со повисоки цени од полноќ
Малопродажните цени на нафтените деривати од ноќеска повторно се зголемуваат. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која цените се зголемуваат во просек за 2 отсто, споредено со последната пресметка од петокот.
Од утре, литар бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по цена од 77,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 79,5 денари. Дизелот поскапува за еден денар и ќе изнесува 73 денари по литар. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе чини 72 денари, што е поскапување од 2 денари, додека мазутот ќе се продава по 41,687 денари за килограм.
Причината за новото поскапување, како што соопшти РКЕ, се зголемените референтни цени на нафтените деривати на светските берзи:
-
бензините пораснале за 6,182%,
-
дизелот за 2,172%,
-
екстра лесното масло за 6,442%.
Од РКЕ потенцираат дека овие се максимални малопродажни цени, и дека трговците можат да ги формираат цените и пониско од утврденото.
Ова е четврто зголемување на цените на горивата за само една недела, што дополнително го оптоварува буџетот на граѓаните и стопанството, особено во услови на глобални ценовни и геополитички турбуленции.